Надал нема да игра во Монте Карло, се откажа и Алкараз


 

Дваесетидвократниот тениски грен слем шампион Рафаел Надал ќе го пропушти Мастерсот во Монте Карло.

„Сè уште не сум подготвен да се натпреварувам на највисоко ниво. Нема да можам да играм на еден од најважните турнири во мојата кариера – во Монте Карло. Сè уште не можам да играм со максимални гаранции и да го продолжам процесот на подготовка, со надеж дека ќе се вратам наскоро“, напиша Надал на социјалните мрежи.

Триесет и шестгодишниот Надал нема играно од 18 јануари, кога поради повреда на бутниот мускул загуби од Американецот Мекензи Мекдоналд во второто коло на Австралија опен (4:6, 4:6, 5:7).

Мастерсот во Монте Карло ќе се одржи од 9 до 16 април.

Неколку часа подоцна, дека нема да настапи во Монте Карло јави и Карлос Алкараз. Тој, во кариерата, само лани играше во Монако, кога во второто коло беше елиминиран од Себастијан Корда.

„После два месеци во странство, среќен сум што се враќам дома, но тажен што последниот меч во Мајами го завршив со физичка непријатност. По посетата на лекарот во Мурсија и прегледите, нема да можам да одам во Монте Карло и да ја почнам турнејата на земјена подлога“, најави Алкараз.

Карлитос додаде дека има проблеми со левата рака и ‘рбетот и дека му е потребен одмор.

Алкараз имаше многу проблеми со повредите на крајот на минатата и на почетокот на оваа година, кога го пропушти и Австралија опен.

Успеа да ги освои Буенос Аирес и Индијан Велс, загуби во финалето на Рио де Жанеиро, но и во полуфиналето на Мајами, од Јаник Синер.

Во понеделникот падна од првото место на АТП листата, а следен турнир треба да му биде Барселона, од 16 април.

Таму, како и во Мадрид, ја брани титулата.