Над село Љубојно во Преспа се сече коријата, жителите излегоа на протест 


Жителите на Љубојно на протест покрај исечените дрва (Фото: Слободан Рајчевски)

 

БИТОЛА – Над ресенското село Љубојно во реонот на Долна Преспа масовно се сече коријата, револтирани се жителите и бараат итен инспекциски надзор.

Сечата на даб, бука, смреки и други видови дрвја денеска ги извади на масовен протест жителите на ова преспанско село, особено загрижени што се ништи коријата над резервоарот за вода, позицијата на која во минатато имало лигање на земјиштето, големи парчиња карпи се тркалале по ридот по поројни дождови, па благодарение на шумата била спречена оваа појава. Сега жителите велат дека камиони натоварени со дрва секој ден се носат низ селото. Тие не се сомневаат дека субјектот што сече нема дозвола, тука бараат итно да се стопира планот за сеча на шумата

„Излеговме масовно на протест и жителите на селото Љубојно и оние гости кои летово се во селото, оти се случува голема сеча на шумата со амин на државни институции. Ние не велиме дека ова е дива сеча на шумата туку како надлежното шумско претпријатие дало амин да се сече еден поголем дел од дрвјата на источниот дел на селото и да се унишува шумата на Баба Планина. Ова е класичен масакр на дрвја на површина од над 10 илјади метри квадратни“, изјави за битолскиот портал „Апла“, Слободан Рајчевски, кој има имот во Љубојно.

Исечените дабови над Љубојно (Фото: Слободан Рајчевски)

Според Рајчевски голем е револтот кај мештаните, дотолку повеќе што реонот каде се сечи шумата е вакофско место или света шума оти се сече над црквата „Свети Атанасиј“ кој се наоѓа на 1 километар источно од селото и атарот на манастирската црква „Свети Петар и Павле“ која се наоѓа на 1,5 километри исто така источно од селото. Жителите бараат од надлежните институции под итно да се стопира сечата. 

„Се сечат дрва од црковно место, многу значајно за нас жителите, голем е потегот каде се уништува планината, целиот тој источен дел од Љубојно до Брајчино. Бараме од надлежните под итно се преиспитаа што шума се сече и кои ќе бидат последиците од тоа“, вели Рајчевски.

Жителите на Љубојно се организираат да чуваат стража и со барикади да не дозволат камионите да влезат во селото и да се упатат до локацијата на сечата, а нема веќе да пропуштаа ни камиони натоварени со дрва да излезат од селото. Рајчевски вели дека денес побарале претставници од шумското претпријатие да дојде на средба со жителите, но иако било ветено никој не се сретнал со нив. (А.Б.)