Над 50 прехранбени производи ќе поевтинат најмалку 10 отсто, ќе има и затворање на маркети

Доколку одлуките кои ќе бидат донесени на редовна седница на Владата во вторник не бидат почитувани и доколку се увидат неправилности, ќе има и затворање на маркети, предупреди министерот Бектеши


Поевтини цени од над 10 отсто за најмалку 50 основни производи од следната среда, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, по состанокот со претставници на осум најголеми синџири маркети во земјава. Доколку одлуките кои ќе бидат донесени на редовна седница на Владата во вторник не бидат почитувани и доколку се увидат неправилности, ќе има и затворање на маркети, за што ќе помогнат и новите ингеренции што ќже ги има Државниот пазарен инспекторат, предупреди Бектеши.

„Денеска со директорот на Државен пазарен инспекторат Горан Трајковски и претставници на Стопанската комора имавме состанок со најголемите синџири на супермаркети во нашата држава, со осум од нив со кои што разговаравме за состојбата за зголемување на цените, пред се на основните прехранбени производи“, рече Бектеши по средбата.

Според него , дебатата била „многу конструктивна“ при што заеднички се согласиле дека има простор за намалување на цените.

„Како добра волја и општествено одговорни компании, тоа го прифатија и синџирите на супермаркети, што значи дека одлуката на Министерството за економија која што треба да се усвои во вторник, очекуваме целосно да биде поддржана и да се реализира во делот на намалување на цените на прехранбените производи од сите синџири на супермаркети“, рече Бектеши.

Тој додаде дека Министерството за економија работи на дополнителни мерки и за производителите и за дистрибутерите кои утре најверојатно ќе бидат повикани на состанок во Министерството.

Најважно, според Бектеши, е дека потрошувачите нема да се чувствуваат измамени имајќи ги во предвид новите одлуки.

Министерството за економија наредната недела освен одлуките за намалување на цените на основните прехранбени производи ќе направи измени и дополнувања на Законот за Државен пазарен инспекторат каде што ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите за да може да постапат веднаш без да поминат одредени постапки, имајќи во предвид дека треба да се постапи експедитивно, а до крајот на наредната недела ќе го има и новото законско решение за нефер трговски практики каде што ќе се укинат речиси над 20 отсто од одредени давачки во синџирот трговија, почнувајќи од производство, па се до малопродажба што дополнително ќе влијае во намалување на цените.

„Овој пример очекувам да се следи максимално и од увозниците на прехранбени производи, а секако и на производителите во нашата држава“, рече Бектеши.

Списокот на производите кои што ќе бидат со намалени цени ќе биде познат во вторник наредната недела, откако одлуката ќе се усвои на редовна владина седница, а веќе од среда Државниот пазарен инспекторат со зголемен капацитет ќе биде на терен.

Станува збор за над 50 производи кои што влегуваат во основни прехранбени производи, а референтна цена ќе биде една од цените во претходните месеци. Бектеши вели дека над 90 отсто од производите се со 5 отсто ДДВ.

„Одлуката кои производи влегуваат е донесена врз основа на конкретни анализи. Единствена институција во нашата држава која што има опширна анализа кои производи повеќе се трошат е Заводот за статистика“, рече Бектеши. Тој објасни дека утврдувањето на производите и начинот како се калкулира инфлацијата се прави со претходна постапка, односно методологија врз основа на анкета со над 5.000 граѓани, односно потрошувачи и согласно пондери за влијание врз инфлацијата.

Врз основа на производите кои се најмногу користени врз основа на таа методологија е направена и листата на Министерството за економија.

„Тие се производи кои што покриваат над 65– 70 отсто од целокупната продажба во прехранбената индустрија во нашата земја“, вели Бектеши.

Одговарајќи на прашања на новинарите, Бектеши рече дека во делот на другите производи и она што го бара Организацијата на потрошувачи, се следат и движењата на цените и во други сектори и производи. Слично и на претходните мерки, во почетокот на годинава и лани, ќе се оди фазно, односно во првата фаза ќе биде прехранбената индустрија каде што се забележува нелогично зголемување на цените на прехранбените производи.

„Ако има нарушување во делот на утврдување на цени и во другите сектори, секако како втора фаза ќе следат и други производи“, вели Бектеши.

Министерот најави дека до крајот на наредната недела ќе го има и новото законско решение за нефер трговски практики со кое ќе се укинат над 20 отсто од одредени давачки во синџирот на трговија, почнувајќи од производство, па се до малопродажба што дополнително ќе влијае на намалување на цените.

„Со законското решение ќе се утврди начинот како треба да се направи договорот меѓу синџирот на супермаркети и нивните добавувачи или, пак, синџирот на супермаркети и производителите од државата“, рече Бектеши.

На маркетите, како што посочи, ќе им биде дозволено акциски да ги намалат цените само на производите на кои им истекува рокот. Во спротивно доколку спроведуваат акциски продажби до 30 ноември ќе им следат санкции.

„Доколку стават забелешка дека намалувањето на производот е заради тоа што му истекува рокот за да знае потрошувачот дека не се работи за сеопфатна акција тогаш ќе им биде дозволено акциски да ја намалат цената. Ако нема таква назнака ќе бидат казнети, а казната може да биде и со затворање на субјектот“, рече Бектеши.

Директорот на Државен пазарен инспекторат Горан Трајковски, рече дека е можно да има и затворање на маркети од страна ДПИ доколку не бидат почитувани одлуките кои што ќе бидат донесени.

„Иако тоа не сакаме да се случи, но доколку сме принудени и увидиме неправилности, ќе го сториме тоа бидејќи е во интерес на сите нас и на граѓаните“, рече Трајковски.

 

На истата тема: 

Дали инфлацијата пак зема замав: Август поскап од јули за 1,2 отсто