Над 160 компании алармираат за проблеми поради кризата, најалармантно е во градежништвото
Потребно е сите да ги „засукаме ракавите“, да се обединиме во нова Алијанса за поддршка на државата во справување со мулти кризата со акцент на неколку приоритети, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, денеска предупреди на состојбите во реалниот сектор, нагласувајќи дека од 160 компании добиваат се поалармантни и загрижувачки информации. Тој вели дека податоците ги обработуваат по што ќе ги проследат до јавниот сектор. За ваквите состојби станало збор и на седница на Управниот одбор на комората која што била одржана во четвртокот.
„Нашите искуства покажуваат дека информациите до кои доаѓа приватниот сектор треба да бидат приоритетни и најзначајни бидејќи нивното сигнализирање и мерките кои се преземаат имаат огромно значење во временската димензија во која се поставени. Просто и едноставно кажано не можеме да чекаме да ги видиме статистичките податоци, па дури потоа да правиме некакви интервенции, туку треба да се верува на секторот кој јасно и гласно ги добива тие во секојдневната комуникација“, вели Азески.
Тој посочува дека во прилог на ваквите констатации е и најновата компаративна анализа што доаѓа од нашиот најголем трговски партнер Сојузна Република Германија од петокот.
„Според анализите на Економскиот институт од Минхен се очекува падот на германското стопанство во наредниот период да биде 15 отсто поради недостиг на суровини најмногу во автомобилската индустрија, што значи дека почнуваат да се остваруваат нашите прогнози изнесени уште пред еден месец дека ако дојде до ваква ситуација кај нашиот најголем трговски партнер, последици ќе има и врз македонското стопанство“, вели Азески.
Тој додава дека последиците вече се чувствуваат бидејќи дел од работниците седат дома и не работат, а проблем е што не се работи во повеќе смени.
„Зборуваме во име на 594.243 лица, вработени во приватниот сектор. Само за споредба, во јавниот сектор по сите основи работат само 18 отсто од луѓето, така што мислам дека е јасна тенденцијата за што зборуваме, во чие име зборуваме и каде треба да се насочат активностите“, вели Азески.
Како што истакнува, градежништвото е една од гранките во која проблемите се најсериозни. Претседателот на Здружението на градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората, Андреа Серафимовски, посочува дека е намалено учеството на градежништвото во Бруто-домашниот производ од 0,5 процентни поени. Тој исто така вели дека кај бројот на вработени има тренд на опаѓање и над 2.000 откази, како и дека е ниска реализацијата на капитални инвестиции, а лошо и споро е администрирањето на сите проблеми при реализација на таквите инвестиции. Не може да се изостави и проблемот со зголемување на цените на градежните материјали, кој мора да биде решен веднаш.
„Сите ќе бидеме одговорни доколку во веднаш не почнеме да го решаваме тој проблем со оглед на тоа дека последиците би биле катастрофални и би влијаеле катастрофално на еден од најголемите стопански сектори во државата“, вели Серафимовски.
Тој се осврнува и на импликациите од овој проблем во други сфери, а најмногу во доменот на јавните набавки.
„Кај тековните јавни набавки и проекти кои се реализираат повеќе години, проблем е што компаниите работат во услови на непроменети цени пропишани во договорите, а онаму каде што има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста“, вели тој.
Кај капиталните проекти кои се пропишани и евалуирани, но не се започнати, проблемот е што цените кои се пропишани и евалуирани повеќе не се исти со оглед дека од ден на ден се зголемуваат.
„Трета и најголема импликација е неизвесноста во која градежништвото се наоѓа при настап на новите јавни набавки и проблемот дека условите по кои се пропишуваат тие се оние услови кои ги имавме една, две, пет и десет години, т.е. во услови кога нормално се живееше и работеше“, укажува Серафимовски.