Националната федерација на фармери го одбележа Меѓународниот ден на руралните жени


Националната федерација на фармери денеска го одбележа 15 октомври – Меѓународниот ден на руралните жени под слоганот „Признание за невидливите потпори во развојот на земјоделството и руралните заедници“. На собирот во Дојран присуствуваа земјоделки од целата држава, а настанот го поздрави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Тој ја потенцираше улогата на руралната жена, која е столбот на општеството, таа е мајка, земјоделка и претприемач.

-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство активно се залага и работи на поддршка на руралната жена преку конкретни мерки и политики кои ја препознаваат нејзината улога и придонес во општеството. Доказ за тоа се и податоците дека на последните четири јавни повици за доделување државно земјоделско земјиште од вкупно 1.454 договори, 248 се склучени со жени. Тоа е околу 17 отсто од вкупниот број на договори, кој не е доволен, но кој ни покажува дека сме на вистинскиот пат, но и подготвени да го преземат својот дел во развојот на македонското земјоделство. Дополнително, по Јавниот повик за мерката 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, од 117 договори повеќе од половина се склучени со млади земјоделки. Ова е уште еден охрабрувачки показател дека младите жени се подготвени да ја преземат иницијативата и да придонесат за развојот на земјоделството, истакна министерот Трипуновски.

Според претседателот на Националната федерација на фармери (ННФ), Стеванче Јордановски на овој ден се истакнува важноста на трудот и посветноста на руралната жена.

-ННФ веќе 18 години го одбележуваме овој значаен ден со поддршка од Шведска и шведската агенција за развој-We Effect со цел да се постигне свеста за улогата на руралните жени во локалните заедници и во општеството. Како органиција секогаш посветуваме особено внимание на родовата еднаквост и еднаквите можности за сите жени. Жените секогаш имале клучна улога во земјоделството и нивната работа често останува невидлива. Но, нејзиниот придонес е огромен и заслужува признание и поддршка, рече Јордановски.

Директорката на We Effect за Латинска Америка, Европа и Палестина, Пиа Ставас Мајер, истакна дека соработката со ННФ се развива на задоволство на двете страни. Таа ја подвлече важноста од кооперативното здружување на земјоделците, истакнувајќи примери од Шведска.

Настанот со писмо го поздрави и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која не можеше да присуствува на одбележувањето на Меѓународниот ден на руралната жена.

-Вашата улога одамна ги надмина границите на традиционалното земјоделство. Вие сте носителка на процесот, заштитнички на заедницата, двигателки на локалните процеси, современи лидерки на економските и социјалните реформи во руралните подрачја. Крајно време е да го препознаеме и вреднуваме вашиот труд. Јасно е дека тој е се уште невидлив и непризнат, напиша во поздравното писмо претседателката Сиљановска-Давкова.

Во продолжение на настанот се одржа панел-дискусија на тема „Родова еднаквост во руралните средини – предизвици и можности“, на која учествуваа Билјана Петровска-Митревска, проектна менаџерка во Националната федерација на фармери, Дарко Тишовски од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, земјоделките Вангелина Пармачка и Лидија Богдановска, како и Фадрије Мустафовска, претседателка на Здружението „Радика Де“.

Во рамките на панел-дискусијата беше презентиран и Регионалниот извештај „Преглед на положбата на руралните жени во земјите од Западен Балкан“, кој нуди сеопфатен увид во состојбата, како и елаборирање на предизвиците и можностите за унапредување на положбата на жените во руралните средини низ регионот.

Беа доделени благодарници за успешна млада земјоделка од рурална средина, за три успешни операторки за храна, за активистка која со години го подига гласот на руралните жени и е долгогодишна членка на Националната федерација на фармери, како и благодарница за заложба и борба за еднакво општество без сиромаштија.