Нацев: Обвинението е „брутално силување“ на Законот за приватно обезбедување
Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На денешното рочиште се предвидени воведни зборови на одбраната на Александар Нацев, што според Обвинителството дејствувал како неформален, односно реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, фирмата задолжена за обезбедувањето на клубот како и одбраната на обвинетите правни лица „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани и „РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС“.
Според одбраната, клучната теза на Обвинителството, дека Нацев бил неформален сопственик кој раководел со агенцијата заедно со управителот Јан Јанчевски, е неоснована. Адвокатот истакна дека Нацев бил вработен во фирмата како консултант, ангажиран поради неговата експертиза во областа на безбедноста, а не како лице со овластувања за раководење.
Еден од главните аргументи на одбраната е дека помеѓу Рубикон и кабарето Пулс не постоел писмен договор за физичко обезбедување, што е законски предуслов за одредување на одговорноста. Според адвокатот, агенцијата делувала само како оператор на услуги, а не како субјект со целосна одговорност за безбедносните протоколи во објектот.
Одбраната посочи дека вработените во Рубикон критичната вечер не биле задолжени да го контролираат бројот на гости, немале обврска да ја проверуваат исправноста на влезовите и излезите, ниту пак биле должни да поднесат план за обезбедување до МВР, бидејќи на терен биле ангажирани само тројца обезбедувачи, а законот предвидува план за над пет лица.
Наместо вина, одбраната најави дека преку сведоци ќе докаже дека вработените во Рубикон ноќта на пожарот дејствувале како пожарникари и медицински лица, ризикувајќи ги сопствените животи за да спасат што повеќе гости.
-Александар Нацев со ниту едно свое дејствие или пропуштање не го предизвикал пожарот. Тој не може да се товари за непреземање дејствија кои законски или договорно не бил обврзан да ги преземе, заклучи одбраната.
По воведниот говор на неговата одбрана, пред судот се обрати и Александар Нацев. Во емотивен и остар говор, тој ги отфрли сите обвинувања дека е реален сопственик на агенцијата „Рубикон“ и ја обвини државата за префрлање на вината врз него со цел да се скрие одговорноста на институциите.
Нацев го започна своето обраќање нагласувајќи дека подолг период бил цел на политизирани клевети и навреди, при што постојано била рушена презумпцијата на неговата невиност во јавноста.
Според Нацев, обвинението претставува „брутално силување“ на Законот за приватно обезбедување. Тој тврди дека одредени законски одредби се малициозно толкувани само за да ја поткрепат теоријата на Обвинителството.
„Пренасочувањето на одговорноста која ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола кон припадниците на обезбедувањето е само уште еден чекор за префрлање на вината“, изјави Нацев пред судот.