Набљудување на делумно затемнување на Месечината од Кале


Утре, рано наутро, Скопското астрономско друштво ве кани на Кале за набљудување на делумното затемнување на Месечината.
 
„Скопското астрономско друштво утре, 28 август, ќе биде на паркингот пред Кале со телескоп и двоглед. Ќе бидеме таму од 04:30 до 06:00 часот. Доколку сакате да ни правите друштво, повелете, добредојдени сте да станете малку порано и заедно да го набљудуваме овој интересен небесен феномен“, велат од таму.
 
Од Скопје, затемнувањето ќе започне во 03:23 часот, кога Месечината ќе почне да навлегува во Земјината полусенка. Во 04:33 часот започнува делумната фаза, кога Земјината сенка ќе почне да зафаќа дел од Месечината.
 
Максимумот на затемнувањето е во 05:56 часот, но од Скопје тогаш Месечината веќе ќе биде многу ниско над западниот хоризонт и ќе заоѓа. Затоа најдобрата можност за набљудување ќе биде во периодот од околу 04:30 до 05:45 часот.
 
„Ако немате можност да дојдете на Кале, а имате чист поглед кон запад и југозапад, можете да го следите затемнувањето и од вашиот дом. Доколку имате двоглед или телескоп, уште подобро.
Се гледаме утре рано наутро на Кале!“, додаваат од Скопското астрономско друштво.