На затворена седница собранискитe тела ќе расправаат за патоказите за ЕУ


Фото: Б. Грданоски

 

Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања денеска во Собранието ќе одржат заедничка затворена седница на која ќе разгледаат два нацрт-патокази, за владеење на правото и за реформа на јавната администрација.

Оваа заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања требаше да се одржи на 11 декември но беше одложена поради, како што беше посочено, неисполнување на законските услови и обврски за затворена седница со класифициран материјал со степен на тајност.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски тогаш побара од присутните да се одложи седницата поради неисполнување на законските услови и обврски за затворена седница со класифициран материјал со степен на тајност.

„Имајќи предвид дека седницата е од затворен карактер, постојат јасни законски процедури и ограничувања на кој начин треба да биде доставен и дистрибуиран материјалот до членовите на Националниот совет, до пратениците и до сите останати кои имаат право да учествуваат во работата. Имајќи предвид дека се работи за нови процедури и дека на сите веројатно им треба повеќе време за овие процедури да станат пракса, се надевам дека во иднина ќе ги користиме и почесто“, рече тогаш Николоски.