На Заев му прекипе: Доста е! Пет години трпам навреди и лаги
Поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев, ќе бара институционално да се тргне дамката од неговото име, по постојаните „напади“ од актуеланата власт за наводно купување болници, градење во Дубаи и последната инсинуација дека нелегално се тргува со марихуана. Најпрво, тој бара извинување, а ако не му се извинат, ќе прибегне кон тужби.
Преку Фејсбук статус“. Заев вели дека тоа се лаги, а ќе ги искористи сите правни средства за да докаже дека тоа се лаги, кои за него ги изнаесува актуеланата власт.
„Веќе пет години сум надвор од политиката и речиси секој ден откако заминав ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди, реагираше поранешниот премиер Зоран Заев, кој ги отфрла обвинувањата дека има врска со запленетата марихуана, како и дека гради облакодери во Дубаи.
„Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање. Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.
А без никаква срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции.
Трпам секојдневни навреди веќе пет години. Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста! Доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесам тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“, вели Заев.
ВМРО-ДПМНЕ: Заев се јави во одбрана на својот криминал
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш му одговорија:
„Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка – Зоран Заев, се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по најавата за тужба од поранешниот премиер и лидер на СДСМ.
Од партијата го повторија ставот дека случајот со запленетиот канабис е поврзан со фирми и луѓе блиски до Заев.
„Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото. Заев е таткото на бизнисот со канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.