На сточарите од Пелагонија им догоре – се закануваат со протести
Сточарите се револтирани што не им се досиплатени субвенциите по грло за 2024 година
БИТОЛА – Сточарите од Пелагонија се закануваат со протест ако не ми се доисплатат субвенциите по грло добиток за 2024 година, и тоа до 15 јуни.
Сточарот Тони Петковски од село Велушина, битолско, за „Зелена берза“ утрово изјави дека здружението на сточари „Пелагониско поле“ е одлучно да си ги бара заостанатите субвенции за ланската година преку протест, ако власта не ги исплати парите деновиве кога имаат зголемени трошоци заради садење и сеење на нивите со сточна храна.
Досега сточарите имаат земено само една третина од субвенциите. За кравите исплатени се само 4.000 денари по грло од вкупно 12.000 денари субвенција по крава.
„Одлучено е ако субвенциите по грло не се доисплатат до 15 јуни, на 20 јуни сточарите од Пелагонија излегуваат на протест во 11 часот, пред подрачната единица на МЗШВ во Битола. Ова е одлука на сточарите од здружението ‘Пелагониско поле’“, изјави Петковски и додева дека на протест се согласуваат само поситните сточари од пелагониско, кои се околу триста на број, додека големите фармери засега молчат.
Како одминува времето, расте притисокот од македонските сточари кон власта за доисплата на субвенциите по грло добиток за кравите, овците и козите за 2024 година. Во нив има уште револт за намалените субвенции по грло со програмата за годинава (од 12.000 на 8.000 денари по грло), иако за разлика од лани ќе добијат денар повеќе за предадено литар млеко во млекарниците. Но од друга страна млекрницаите им ја намалија откупната цена на суровото млеко за околу 1 денар по литар, па како што велат и од таму се финансиски погодени.
Досега на одгледувачите на крави им е исплатена само една третина од субвенциите. Пред Нова година зедоа парцијално по 4.000 денари од грло (исплатени над 201 милион денари). Околу 6.200 говедари бараат доплата за кравите, по 8.000 денари, или вкупно исплата на сума од над 400 милиони денари.
„Јас имам 14 крави и тие над 1.800 евра ми се потребни сега, не по две години. Ова е период кога се сади луцерка, сега се садат нивите со сточна храна, пченка“, реагира Петковски.
И овчарите ги чекаат субвенциите. Пред Нова година над 2.000 овчари зедоа само 600 денари по овца.
Во истиот ден на 430 козари им беа исплатени по 2.000 денари по грло.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски пред две недели најави дека за многу скоро ќе следи исплатата на субвенциите за сточарите. Тој рече дека последниот законски рок е 30 јуни, но дека многу брзо од денот кога го даваше интервју, сточарите на сметките ќе ги добијат основните субвенции. До денес нема исплата на парите.
На 15 април годинава, Министерството за земјоделство ги исплати субвенциите на сточарите за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко за втората половина од 2024 година. Според официјални информации исплатени беа 4.574 млекопроизводители со вкупен износ од 292 милиони евра.
Сточарите велат дека стаса за плаќање и првиот квартал од 2025 година за предадено млеко.
Според новата програма за субвенционирање на сточарите, субвенцијата по литар млеко се зголемува за 1 денар, што значи 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко. (А.Б.)