На што се должи економското забавување на крајот од 2023. Еве што велат од Фајнанс тинк

Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи најмалку во првата половина од 2024 година, прогнозираат од институтот за економски истражувања


Институтот за економски истражувања и политики, Фајнанс тинк (Finance Think) го публикуваше Макроекономскиот монитор за квартал 4, 2023 година, во кој дава одговори на прашањата за економскот забавување. Како што е познато, во четвртиот квартал од 2023, БДП се зголеми за 0,9 отсто на годишна основа, со што целата 2023 заврши со еднопроцентен раст.

Забавувањето на економската активност кое отпочна порано, благо се интензивираше до крајот на годината, со што ги потфрли сите проекции, се вели во Макроекономскиот монитор.

Како што посочуваат од Фајнанс тинк, главен двигател на забавувањето и понатаму е надворешната побарувачка, а продолжија да се намалуваат и бруто инвестициите (-20,5 отсто), двете резултат на забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери.

Од друга страна, личната потрошувачка и понатаму релативно солидно порасна (3,7 отсто), главно движена од позитивниот реален раст на платите и од солидниот раст на другите доходни компоненти на населението. Прв пат по извесен период на затегнување, јавната потрошувачка порасна (5,6 отсто), тенденција која е веројатно да продолжи и низ првата половина од 2024 година.

Земјоделството забележа остар пад (-15,3 отсто), додека индустријата и градежништвото излегоа благо над негативната зона (1,6 отсто и 5,5 отсто, соодветно), по падовите во претходните квартали. Услугите забележаа поблаг раст споредено со претходните квартали (1,6 отсто).

Забавувањето на економијата започна особено неповолно да се одразува врз пазарот на трудот, за првпат по долг период на негови позитивни остварувања. Невработеноста во четвртиот квартал од 2023 се зголеми на 13 отсто (од 12,8 отсто во претходниот квартал). Вработеноста се намали на 45,5 отсто (од 45,7 отсто во претходниот квартал), додека активноста на пазарот на труд остана опадна на 52,2 отсто (од претходните 52,4 отсто).

Во третиот квартал од 2023, инфлацијата се преполови на 3,4 отсто на годишна основа, од 7,8 отсто во претходниот квартал. Забавувањето е водено од намалувањето на глобалните притисоци кај храната и енергијата, од замрзнувањето на цените на избрани прехранбени производи, како и од исцрпувањето на преносот на инфлациските притисоци врз пошироката потрошувачка кошничка кој беше присутен во текот на годината.

Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи најмалку во првата половина од 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата стануваат поповолни, но зависат од критични домашни фактори. Фајнанс тинк ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 отсто, се вели во најновиот Макроекономски монитор.