На Сашо Дранго уште пред 6 години му била одземена дозволата за оружје
МВР и претходно го демантираше Дранго во неговата одбрана дека мечката загинала во сообраќајка минатиот месец, а не дека била убиена. Во билтенот на МВР нема таква информација во декември
БИТОЛА – Уште пред 6 години заменик директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго останал без дозвола за оружје откако го прекршил законот. Ова е последната информација која ја потврдува СВР Битола, иако на објавените фотографии на Дранго со мртвата мечка се гледа дека тој покрај себе носи и пушка со снајперски дурбин. Дранго негираше дека ја убил мечката, но најверојатно го изумил фактот дека нема ниту дозвола за оружје.
„На лицето Сашо Дранго во евиденциите на Отсекот за оружје при СВР Битола стои дека дозволата за поседување на оружје на споменатото лице била одземена во 2018 година за сторен прекршок.“, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола за „Независен“.
Информацијата на СВР Битола е потврда на прашањето со кое Здружението „Анима Мунди“ излезе во јавност отворајќи ја дилемата дали Дранго веќе имал забрана за носење оружје во друга постапка?
Всушност МВР и претходно го демантираше Дранго во неговата одбрана дека мечката загинала во сообраќајка минатиот месец, а не дека била убиена. Во билтенот на МВР нема таква информација во декември. Според наша информација сообраќајка со мече во битолско имало на 4 ноември лани.
Сега „Анима Мунди“ отвора нова дилема – „Бараме да се провери дали во месец декември постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции или пак ОЈО. Доколку има пријава, дали службеници од МВР и пратеници се труделе да го сокријат случајот? “
Инаку Основното јавно обвинителство од Битола уште истиот ден, на 2 јануари, по обелоденувањето на скандалот со фотографијата на Дранго со мртвата мечка, отвори предмет и најави дека ќе постапува за да се утврди што точно се случило.
Обвинителството за таа цел најави дека ќе се обрати и до Здружението „Анима мунди“ да им ги дадат нивните материјали како и евентуалните пријави кои ги доставиле до МВР или други државни институции.
Веста дека од страна на Битолското обвинителство е отворен предмет за фотографијата на заменик директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, сликан со застрелана мечка, животно со највисок степен на заштита во Македонија, според „Анима Мунди“ – „е добар чекор кон разрешница доколку сакаме да се наречеме правна држава.“