На почетокот на учебната година, прегазен малолетник во близина на ООУ „Лазо Ангеловски“
Булеварот „Февруарски поход“, во скопската населба Ново Лисиче, со години претставува опасност за преминување на пешаците, особено на учениците кои треба да го преминат за да стигнат во училиштето „Лазо Ангеловски“. Новите семафори на крајот на булеварот каде се сече со „АСНОМ“, треба да послужат за безбедно преминување.
Сепак, на почетокот на учебната година, вчера, во сообраќајна незгодна токму на тој булевар настрада малолетник, кој бил удрен од автомобил „нисан“.
Како што соопштија од МВР, вчера во 13.25 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Февруарски поход“ во Скопје, патничко возило „нисан“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С.(39), удрило во малолетен пешак, двајцата од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.