На митинг во Џорџија Трамп со бараж од поплаки за изборите
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на митинг во Џорџија поддржа двајца републикански кандидати за во Сенатот, се пожали за својот пораз, и ги повика гласачите од оваа држава да гласаат за републиканците.
Ова беше прв партиски митинг на Трамп по неодамнешните избори и иако загуби, веднаш посочи дека тој бил всушност победникот во претседателска трка.
Како што е веќе познато, во оваа држава претседателот изгуби со разлика од околу 12.000 гласа во полза на новоизбраниот претседател Џо Бајден, кој ја доби Белата куќа со 306 електорски гласа. Сепак, Трамп е тврд во настојувањето дека победата на Бајден е невалидна.
-Тие (демократите) лажеа и ги фабрикуваа претседателските избори, но ние сепак ќе победиме, изјави тој пред околу 10.000 поддржувачи на писта во локален аеродром во Валдоста, Џорџија.
-Запрете ја кражбата, прокламираше, а публиката го поддржа.
Пред да дојде во Џорџија, адвокатскиот тим на Трамп преку суд во оваа држава побара поништување на гласањето, а како доказ за тоа беа сослушани неколкумина вклучени во спроведување на изборите и броење на гласовите.
Потоа, претседателот побара од гувернерот Брајан Кемп итна седница на законодавците на Џорџија за да се преразгледаат резултатите од гласањето, и да се назначат нови електори кои нема да гласаат за Бајден на сертификација на изборите на ниво на САД на 14 декември.
-Вие никогаш не ги проверивте потписите … Во најмала рака треба да се свика итен состанок на законодавците. Тоа можете лесно и веднаш да го направите, му порача Трамп на Кемп преку Твитер.
Гувернерот во соопштение претходно истакна дека веќе трипати наредил да се спроведе проверка на потписите на гласачките ливчиња на избирачите.
Штабот на Трамп сè уште се обидува да ги оспори резултатите од изборите во неколку сојузни држави. Пребројување на гласовите имаше во повеќе држави, со што само се потврди победата на Бајден.
Американските медиуми викендов известија дека за адвокати, консултанти и судски трошоци, како и за исплати за пребројување на гласовите, тимот на претседателот досега потрошил речиси девет милиони долари.