На местото на експлозијата во Нешвил најдено ткиво што може да му припаѓа на човек


Експлозијата на кампинг возило во центарот на Нешвил, што се случи вчера, сè уште останува мистерија, додека истражителите на местото на настанот синоќа можно е да откриле останки од човечко ткиво.

Не се знае дали во возилото, снимено неколку часа претходно како се движело по централните улици во трговскиот дел од градот со ресторани, барови и продавници за сувенири, имало некого пред експлозијата. Очевидци тврдат дека петнаесеттина минути пред да одекне бомбата, женски глас од самото возило, најверојатно снимен и пуштен на разглас, предупредувал дека е поставена бомба, што ќе биде активирана за 15 минути.

Експлозијата оштети повеќе околни згради и автомобили. Градоначалникот на Нешвил, Џон Купер изјави дека експлозијата била од „намерно поставена бомба“.

На социјалните мрежи се појави информација дека експлозијата е „чин на домашен тероризам“.

Противнците на американскиот претседател Доналд Трамп коментираат дека експлозијата е дело на „незадоволни и радикализирани поддржувачи на Трамп“. Оние од спротивниот табор сметаат дека експлозијата „ е дело на Антифа“, левоориенитара група која, меѓудругите, стои зад протестите против расизмот во САД во 2020 година.

Како и да е, иницијаторите на ова божиќно насилство во Нешвил засега се непознати.

Во експлозијата повредени се тројва граѓани. Полесно повредени се и тројца полицајци кои дошле да го обезбедуваат возилото пред да пукне бомбата. Се претпоставува дека бројот на жртвите би бил поголем доколку немало предупредување.

Во меѓувреме, шефот на полицијата на Нешвил, Џон Дрејк, синоќа изјави дека истражителите на местото на настанот нашле остатоци од ткиво. Тој истакна дека останките ќе бидат испитани за да се открие дали се од човечко потекло.