На Машински факултет почна TECHSIGHT: Идни инженери се подготвуваат за претприемачки предизвици


Проектот TECHSIGHT, финансиран од EIT HEI иницијативата на Европската Унија, официјално денеска почна со пилот-активности на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со практична работилница на тема „Стратешко предвидување за стартапи подготвени за иднината“.

Оваа меѓународна активност обединува 160 студенти од Машинскиот факултет при УКИМ и 60 студенти од Дуалната висока школа Баден-Виртемберг – Манхајм (Duale Hochschule Baden-Württemberg Mannheim), Германија, со цел да се зајакнат нивните вештини и да се подготват идните инженери со клучни знаења од областа на претприемништвото и иновациите.

На настанот поздравни обраќања имале проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет – Скопје, проф. д-р Мартин Корнмајер од Дуалната висока школа Баден-Виртемберг – Манхајм, проф. д-р Валентина Гечевска, проректорка за наука на УКИМ, при што е истакната важноста на меѓународната соработка и образованието насочено кон иднината.

-Настанот продолжи со интерактивна работилница посветена на „Хоризонтина длабоки технологии 2035“, со експертски придонеси во областа на иновациите и претприемништвото од Марјан Николовски, експерт за иновации и извршен директор на THE NEW WAY од Копенхаген, и вонр. проф. д-р Онурџан Шахин од Техничкиот универзитет YILDIZ од Истанбул. Работилницата има цел да им помогне на студентите да го предвидат идниот технолошки развој и да ги преосмислат своите стартап идеи со примена на алатки за стратешко предвидување, се наведува во соопштението. 

Една од сесиите вклучила и тимско решавање на студија на случај, каде што мешани тимови од македонски и германски студенти соработуваат во развој и презентација на визионерски стартап концепти, користејќи ја алатката Бизнис модел КАНВАС за иднината.

Како што е наведено, настанот го означува почетокот на серија активности во рамки на проектот TECHSIGHT, финансиран од иницијативата EIT HEI на Европската Унија, со цел поттикнување на образование засновано на иновации и подготовка на студентите да станат претприемачи подготвени за иднината.