На крајот на вториот квартал годинава нето надворешниот долг изнесувал 2.953 милиони евра


На крајот на вториот квартал годинава нето надворешниот долг изнесува 2.953 милиони евра (или 27 проценти од БДП), што претставува зголемување за 39 милиони евра, покажуваат податоците што ги објави денеска Народната банка.

Од аспект на структурата, и понатаму поголемо учество во вкупниот нето-долг има приватниот нето-долг во износ од 63 проценти.

Во однос на крајот на минатата година, нето надворешниот долг е зголемен за 155 милиони евра (или 5,5 проценти), при зголемување на нето јавниот долг (за 217 милиони евра) и намалување на нето приватниот долг (за 62 милиона евра).

Податоците на централната банка покажуваат дека бруто надворешниот долг на крајот на јуни годинава изнесувал 8,782 милиони евра (80,3 проценти од БДП) и забележал квартален раст од 472 милиони евра или 5,7 проценти.

Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка2 , бруто-долгот бележи квартално зголемување од 610 милиони евра.  Оваа квартална промена, појаснуваат од Народната банка, е резултат на зголемениот јавен долг за 782 милионa евра, во услови на пад на приватниот долг за 172 милионa евра.

-Кварталното зголемување на јавниот долг (без специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка) е резултат на зголемениот долг на секторот „држава“ за 795 милиони евра , наспроти падот на долгот на јавните банки и јавните претпријатија за 12 милиони евра. Падот на приватниот надворешен долг се должи на намалениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 110 милиони евра), небанкарскиот приватен сектор (за 81 милион евра), во услови на раст на долгот на приватните банки (за 19 милиони евра), стои во соопштението.

Во споредба со крајот на минатата година, бруто надворешниот долг е повисок за 627 милиони евра, или за 7,7 проценти.

Како што соопшти Народната банка, на крајот на вториот квартал годинава бруто надворешните побарувања изнесуваат 5.829 милиони евра (53,3 проценти од БДП) и забележале зголемување од 433 милиони евра.

-Негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) изнесува 6.719 милиони евра, или 61,5 проценти од проектираниот БДП за годинава и на квартална основа бележи зголемување за 25 милиони евра. Од аспект на структурата на нето МИП, 86 проценти  се однесуваат на нето-обврски по директни инвестиции, главно врз основа на сопственички капитал, наведува Народната банка.