На Клиниката за онкологија отворал шкаф по шкаф – уапсен 17-годишник

На Клиниката за онкологија во Скопје, за неколку дена биле обиени повеќе од 18 шкафови, кои ги користеле вработените, а од нив биле одземани пари и други вредни предмети.
Инцидентот Клиниката го пријавила една недела подоцна
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека во последните денови имале повеќе пријави од Клиниката за радиологија и онкологија во Скопје.
Според официјалните информации, првиот случај се случил на 2 април, кога непознат сторител насилно отворил шкафови во соба наменета за персонал. Иако не било одземено ништо, било извршено претурање, по што лицето го напуштило местото.
Вториот инцидент, се случил на 8 април точно на полноќ, кога биле обиени дури 18 заклучени шкафови, а од нив биле украдени пари и други вредни предмети.
„На 08.04.2025 во 00.00 часот од Клиниката за онкологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Центар лишиле од слобода 17-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение дека насилно отворил 18 шкафови на персоналот кои претходно биле заклучени, при што одзел пари и други предмети. Со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на родител и бранител, а со потврда од него биле одземени предметите. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок“, велат од МВР.
Полицијата реагирала веднаш и на самото место привела 17-годишник од Скопје, за кој постои сомнение дека го извршил делото. Со него бил извршен службен разговор во присуство на родител и адвокат, а биле пронајдени и одземени предметите за кои се сомнева дека се украдени. По целосно документирање, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.