На Клиниката за неврохирургија првпат воведена интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија при хируршки третман на мозочни аневризми


На Универзитетска клиника за неврохирургија беше извршена комплексна микрохируршка интервенција кај 57-годишен пациент со руптурирана аневризма на мозочен крвен сад.
 
– Станува збор за операција која за првпат во Македонија е изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија. Оваа иновација е значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство. Примената на интраоперативната флуоресцентна видеоангиографија ја зголемува безбедноста на пациентите и ја подобрува ефикасноста на хируршките интервенции, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Оваа иновативна метода претставува напредна техника која овозможува визуелизација на крвниот проток во реално време за време на операцијата.

– Со примена на контрастно средство, хирурзите можат прецизно да ја проценат проодноста на крвните садови и да го потврдат целосното исклучување на аневризмата, што е клучно за успешен исход, појаснува д-р Благој Шунтов, специјалист по неврохирургија и раководител на тимот.

Инаку, хируршкиот тим се состои од: д-р Благој Шунтов, асистенти:  д-р Мирко Мишел Мирчевски, д-р Влатко Атанасов, анестезиолошки тим: д-р Сања Ѓурчевска, д-р Радмила Панговска, Ирена Стојанова, Гордана Мицковска, Даниела Делова, инструментарки: Маја Спировска,  Наташа Мирчевска.
 

Операцијата помина без компликации, а пациентот се опоравува без потешкотии. Примената на оваа напредна техника претставува значаен напредок во третманот на неврохируршки пациенти и потврдува посветеност на ЈЗУ УК за неврохирургија во примена на најновите медицински технологии.

Оваа иновација претставува значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство и потврдува посветеност на здравствените институции во примена на најновите медицински технологии.