На Кипар му снемува пари – и чисти и валкани


Прво пандемијата, а сега сезона без Руси: последните три години беа тешки за туризмот во Кипар. Нема директни воздушни врски меѓу Русија и Кипар, а падот на резервациите е 50 отсто во споредба со сезоната пред ковид. Хотелите специјализирани за опслужување на руските туристи се соочуваат со сериозни проблеми, вели Харис Лоизидис, претседател на најголемата кипарска хотелска асоцијација.Руските и украинските туристи сочинуваат околу 25 отсто од сите посетители. Според официјалните податоци, очекуваните загуби од отсуството на руски туристи ќе достигнат 600 милиони евра.

Сепак, на Кипар не му недостасуваат само приходите од туризмот од Русија. Во 2018 година, под американски притисок, кипарските власти беа принудени да преземат мерки против компаниите со единствен имот поштенско сандаче и против другите можности за даночно затајување. Тогаш сè уште постоеше опцијата за купување кипарско државјанство. За инвестиција во имот од 2 милиони евра, дополнителни 150 илјади евра во кипарските државни фондови и со дополнителни давачки, секој можеше да добие пасош. И, соодветно, да стане граѓанин на Европската Унија. Се проценува дека на овој начин во островската држава се слеале повеќе од осум милијарди евра.

Фактот дека луѓе како спонзорот на рускиот претседател Владимир Путин, Олег Дерипаска, добија државјанство на Кипар – беше прогласен за превид. Во меѓувреме, по откритијата за валкани зделки и по притисок од Европската комисија, програмата беше прекината и државјанството на луѓе како Дерипаска беше одземено.

 Кипар со години е предмет на критики на ниво на ЕУ поради неправилностите во продажбата на т.н. златни пасоши. Како што е утврдено, во повеќе од половина од случаите имало прекршување на законите. Помеѓу 2007 и 2020 година, Кипар им доделил државјанство на 6.779 инвеститори од трети земји, главно богати Руси.

Случајот со наводен кинески бизнисмен, кој сакал да стекне државјанство, доби сериозна слава. Човекот ги има потребните средства за државјанство по принципот на инвестиција, но и седумгодишна пресуда за перење пари и поткуп, што треба да го дисквалификува како барател за пасош. На средбата со посредниците, тогашниот претседател на парламентот ветил дека ќе помогне и, уште повеќе,  им рекол на посредниците да му пренесат на кандидатот дека „ја има целосната поддршка од Кипар на сите нивоа“. Во текот на договарањата станало збор и за тоа дали името на кинескиот бизнисмен  може да се смени. Одговорот од кипарска страна бил: „Секако дека може, ова е Кипар“.

Но, учесниците во разговорот не се посомневале дека „посредниците“ се всушност новинари од „Ал Џезира“, кои потоа го објавиле разговорот и со тоа предизвикале вистински политички земјотрес на Кипар. Спикерот на Парламентот и пратеникот на Комунистичката партија Христакис Јованис, кој бил посредник и бил присутен на разговорот, биле принудени да поднесат оставка. Тие се обвинети за „заговор за измама на државата и несоодветно влијание врз јавни службеници“. Судскиот процес против нив ќе започне на 12 септември.