На Германија ѝ требаат три години да стане независна од рускиот гас


На Германија ѝ требаат три години да организира алтернативно снабдување со гас за да стане независна од гасот од Русија, изјави извршниот директор на германскиот енергетски гигант Е.ОН.

„Проценуваме дека за ова ќе биде потребен период од три години“, изјави извршниот директор на E.ON, Леонхард Бирнбаум за германската ТВ емисија Tagesthemen, на прашањето колку брзо Германија може да го исклучи рускиот гас.

„Без снабдување со руски гас, германската економија би претрпела огромна штета, што треба да се избегне доколку е можно“, додаде тој.

Тој, исто така, предупреди на секундарни ефекти поради недостигот на компоненти и суровини во различни понатамошни индустрии.

На состанокот на лидерите на Европската унија во петокот немаше заеднички став за минатонеделното барање на Русија дека „непријателските“ земји мора да го плаќаат својот гас во рубли, а не во евра. Тоа беше откако САД и европските сојузници се обединија околу серија санкции насочени кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.