На Економскиот форум утре ќе бидат потпишани договори за имплементација на мобилноста на луѓе, стоки и услуги


На утрешниот економски форум, што ќе се одржи во Скопје, ќе бидат потпишани неколку договори и во суштина ќе почне практичната имплементација за мобилност на луѓето и на стоки и услуги, за побрза мобилност, а ќе биде потпишан и договорот за заедничко управување со кризни ситуација и реакции во моменти на криза, информираше денеска на прес-конференција заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Тој нагласи дека утре е почетокот на иплементација на она за што се зборува неколку години во рамки на Берлинскиот процес и на она што беше заедничка агенда, а тоа е овозможување и креирање на регионалниот пазар, затоа што, како што потенцира, само регионалната соработка значи поголема регионална конкурентност.

– Границите лесно се поставуваат, но отстранување на границите е тежок процес. За жал, ние бевме сведоци на тоа, требаше веројатно година дена да се постават границите, а 30 години да се отстратнат бариерите за слободна трговија. Секако и со Берлинскиот процес, со иницијативата за заеднички регионален пазар, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање дали утрешниот Форум ќе придонесе да се подобрат бизнис условите. 

Инаку, од Владата појаснија дека двата меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата ќе бидат потпишани во рамки на Економскиот форум за регионална соработка, што ќе се одржи утре во Скопје, а на кој ќе присустуваат премиерите на Северна Македонија, Албанија и Србија, Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ.

Како што појаснуваат од Владата, Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија.

Во таа смисла, двата предметни документи претставуваат операционализирање на иницијативата за подобрување на условите во однос на размената на стоки и услуги, како и на иницијативата за соработка меѓу државите во однос на зашита и спасување од катастрофи, додаваат од Владата.

Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан, како што појаснуваат од Владата се темели на подготвеноста на политичките водства на трите држави за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, особено во областите на увозот, извозот и движењето на стоки, со цел отстранување на пречките во меѓусебната прекугранична трговија, придонес за напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена.

Во содржинска смисла, Меморандумот содржи одредби за поедноставување на формалностите поврзани со увоз, извоз и движење/транзит на стоки, соработката на царинските и другите надлежни органи, како и посебни одредби за безбедноста на храната, ветеринарни и фитосанитарни прашања и слободното движење на индустриски непрехрамбени производи.

Со Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан договорните страни ја регулираат рамката на условите за доброволно давање на помош во случај на катастрофи: планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, пандемии, како и индустриски и други катастрофи, взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, едукација и обука на персоналот на службите, единиците за заштита и спасување и друите членови на спасувачките тимови, размена на научни и технички податоци и други документи релевантни за заштита од катастрофи и соработка во развој и производство на опрема за спасување и обезбедување помош.

Договорот исто така предвидува и обврска за известување за закани, процедури за поминување на границата за целите на спасување и давање помош, заштита и поддршка на работата на спасувачките тимови и индивидуални експерти, начин на надомест на штети, начин на обезбедување грижа и помош на евакуирани лица и користење на средства за комуникација.

Третиот меморандум, како што појаснуваат од Владата е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето со цел да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со цел отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките во врска со дозволата за привремен престој. Овој меморандум е во насока на потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

Кабинетот на Заев во координација со кабинетите на претседателот Вучиќ и премиерот Рама а во соработка со стопанските комори од регионот ги завршуваат последните подготовки за економскиот форум во Скопје кој е од исклучително значење за регионот, информираат од Владата и додаваат дека претходниците на кабинетите на високите гости се веќе присутни во Скопје и помагаат во организацијата на овој значаен настан.

Повеќе од 300 компании ќе бидат присутни, но и претставници од меѓународните институции, а на настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како “мал шенген”.