На Денот на ослободувањето на Скопје, новиот градоначалник рече дека се бори против запоставеноста и нечистотијата


Обраќање на градоначалникот на Скопје, на Денот на ослободувањето на градот (Фото: Б. Грданоски)

Денес, на годишнината од ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, пред споменикот на ослободителите во близина на зградата на Владата, но претходно и на Партизанските гробишта во Бутел, бројни делегации положија свежо цвеќе.

– Денес, оддаваме почит на паднатите херои пред Споменикот на ослободителите на Скопје и споменикот на генерал Михајло Апостолски. На 13 Ноември, стоиме исправени пред историјата. На овој ден, Скопје повторно се роди. Се роди од пепелта, од вербата дека слободата вреди повеќе од животот. Овој ден е жива приказна за отпорот, за храброста и за љубовта кон градот. Токму овие датуми нѐ потсетуваат дека дел од нас биле, се и ќе бидат симболите на непокор, на борба и на љубов кон Скопје. Ден кога нашите предци со кренати глави и со непоколеблива решителност, го ослободија градот и му ја вратија светлината. Тие не чекале некој друг да го направи тоа наместо нив. Тие ја зеле судбината во свои раце – рече градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Тој рече дека „денес, 81 година подоцна, ние имаме должност кон нив, но и кон идните генерации со мисија да го изградиме Скопје повторно гордо, достоинствено и модерно“.

За него, денешната борба е поинаква, но суштината е иста.

„Се бориме против запоставеноста, против нечистотијата, против заборавот, против рамнодушноста што го гуши духот на градот. Нашето оружје е трудот, знаењето и вербата во тоа дека Скопје може да биде подобро. Обврска е на сите нас да го вратиме духот на градот што знае да создава, што верува во работа, што се потпира на солидарност, а не на поделби. Да го направиме град на ред, чистота и сигурност, град во кој секој жител ќе се чувствува почитуван, а не запоставен“, додаде Ѓорѓиевски, во обраќањето пред присутните.

Претходно денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски одржа традиционална средба со претставници од Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Претставници од Собранието, Владата, од кабинетот на претседателката и од Градот Скопје денеска положија свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и на Алејата на великаните на гробот на генерал Михајло Апостолски по повод Денот на ослободување на Скопје – 13 Ноември. На гробиштата почит оддадоа и претставници од Сојузот на борци, од Армијата на Република Северна Македонија, како и од Црвениот крст.