На Боки 13 му заплениле брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција до рано наутро вршеле претреси и собирале докази во рамките на истрагата што беше отворена против шоуменот и сопственик на 1 ТВ, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13-ка.
Извршени се претреси во домот на родителите на Боки 13-ка, во станот каде што престојувал, во канцелариајта во телевизијата и во домот на второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец.
При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. При претресите одземени биле два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле Боки и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од Милевски се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички, како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола.
„Со оглед на обемноста на материјалот , записниците за одземени предмети сѐ уште се подготвуваат и во моментов обвинителството не може да соопшти детали. Воедно, обвинителството ја известува јавноста дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот. Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството колку што дозволува истрагата континуирано ќе информира за преземените дејствија“, соопштуваат од Обвинителството.
Обвинителството за гонење на организиран криминал отвори истрага против Јовановски и полицијата го уапси на граничниот премин Богородица. Јовановски се сомничи дека зел рекет од 1,5 милиони евра од бизнисмен за кого водеше истрага Специјалното јавно обвинителство.