На Бoки 13 му е продолжен прекинот- бил инвалид од прв степен
Болеста на осудениот водител и шоумен Бојан Јовановски-Боки 13 не може да се третира во затвор бидејќи нема терапија, ниту услови, тој е инвалид од прв степен, а му се препорачува да биде физички активен. Ова е медицински став од конзилијарното мислење на докторите презентирани во Кривичниот суд, поради кои осудениот од „Рекет“ останува на слобода.
Одлуката е донесена врз основа на докази односно медицинската документација, на која има повеќе од десетина потписи на доктори-специјалисти, професори од Универзитетската клиника св. „Наум Охридски“.
Боки 13 доби прекин на казна врз база на медицинска документација која ја достави до јавноста. Во неа, освен препораки и насоки од доктори за таков чекор, имаше белешки од Итна медицинска помош во кои се констатира дека неговата болест не може да се третира во затворот „Идризово“ бидејќи ја нема соодветната терапија, нема постојано доктор, ниту пак услови за хигиено-диететски режим каков што му е потребен.
Боки 13 беше на пет операции. Шоуменот уште во 2019 направи операција за стеснување на желудникот и симна килограми, но во затворски услови состојбата постојано му се влошуваше.
Беше уапсен во акцијата „Рекет“, а потоа осуден бидејќи наводно уценувал одредени моќни и влијателни луѓе во Македонија и од нив барал огромни суми пари. Во 2020 година е осуден на девет години затвор во Скопје.
Јовановски, лани, во декември, беше пуштен од затворот „Идризово“ во Скопје по четири години затвор.