На Берзата достапни за тргување 152 државни обврзници


На Македонската берза во моментов се достапни за тргување 152 обврзници од кои 114 се со девизна клаузула, а 38 се издадени во денари.

Со цел да го стимулира и да го олесни тргувањето со овие хартии од вредност, Берзата вчера на нејзината интернет страница објави детален преглед за сите котирани обврзници, за нивните карактеристики, како нивната рочност, датумот на издавање и доспевање, каматната стапка и тн.

„Новиот преглед дава можност на едно место сите заинтересирани брзо да добијат увид во податоците и карактеристиките на моментално котираните континуирани обврзници на Берзата. Секој имател на овие обврзници може преку која било членка на Берзата да даде соодветен налог за продавање на истите на секундарниот пазар, а секој инвеститор заинтересиран за вложување во овој финансиски инструмент може да даде налог за купување преку свој брокер“, се вели во известувањето на интернет страницата на Берзата.

Со одредувањето на цената во продажните и во куповните налози, која при берзанското тргување се изразува како процент од номиналната вредност на обврзниците, инвеститорите самостојно го одредуваат нивниот принос од обврзниците доколку се склучи на трансакција на пазарот, појаснуваат од Македонската берза.

Од Берзата исто така најавуваат дека прегледот со податоците за континуираните државни обврзници редовно ќе се ажурира со новокотираните обврзници, како и при достасување на котираните емисии.

Почнувајќи од јануари 2019 година континуираните државни обврзници котираат на Официјалниот пазар на Берзата. Досега се котирани 153 обврзници, со вкупна номинална вредност од 1.264.133.063 евра и е остварен промет од 179.025.720 денари преку 68 трансакции. Една државна обврзница во меѓувреме е достасана.