На 120 години од смртта на војводата Александар Турунџев ќе биде поставен споменикот во Битола


SONY DSC

БИТОЛА – Се подготвува теренот кај Ветеринарната станица во Битола за поставување на споменикот на војводата Александар Турунџев. Локацијата е во непосредна близина на Ат-Пазар, местото каде е погубен Турунџев пред 120 години.

На новоизградениот кружен тек, деновиве е поставен постаментот, а на 30 август свечено ќе биде откриен и споменикот на војводата Турунџев.

Споменикот веќе 8 години е направен и стои во дворот на Општина Битола.

Споменикот на војводата Турунџев е висок 3 метри, тежи 500 кг и ќе биде поставен на постамент од 2 метри. Изработен е од бронза. Тој е дело на авторот Ѓорги Димовски, изработен во ливница во Скопје под надзор на менторот Валентина Стефановска.

Позната е историјата за македонскиот револуционер Турунџев, пред и по Илинденското востание, особено начинот како беше погубен. Османлискиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осуди Турунџев на смрт откако една година пред тоа беше заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Казната беше извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-Пазар, на 30 август 1905 година. Во непосредна близина на оваа локација се планира и поставувањето на споменикот. Гробот на Турунџев се наоѓа на битолските светонеделски гробишта. (А.Б.)