На 102 години почина Илија Дуновски, носител на Партизанска споменица 1941


 

Денеска во Охрид на 102 години почина македонскиот првоборец Илија Дуновски, учесник во Народноослободителната борба од 1941 година. Тој беше еден од последните живи борци од Втората светска војна кои се бореа во ослободувањето на Македонија од фашистичките окупатори.

Дуновски, роден во 1924 година во Охрид, е носител на Партизанска споменица 1941 и еден од основачите на Првата македонска ударна бригада – формирана за ослободување на Македонија. Дуновски беше дел и од 15. Македонски корпус како учесник во борбите на Сремскиот фронт за конечно ослободување на Југославија во 1945 година.

Заради својата храброст за време на Втората светска војна е добитник на бројни воени и општествени одликувања и признанија, меѓу кои и Орденот за храброст од поранешна СФРЈ.

По повод државниот празник Илинден, на 2 август 2022 година, Дуновски беше одликуван и со највисокото државно признание – Медал за храброст од страна на тогашниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски. Признанието му беше доделено за неговата пожртвуваност и животна посветеност на високите цели на заедницата, како и за неговиот целокупен влог во слободата на македонскиот народ.

Ќе остане запаметен по неговата секогаш препознатлива девиза: „Војната, како и сите животни битки, не се добиваат со оружје, туку со срце“.

Погребот на Илија Дуновски ќе биде утре (9 септември) од 13 часот на Градските гробишта во неговиот роден Охрид.