МВР води постапка за градоначалникот во Крива Паланка, Ковачевски најави санкции
Министерството за внатрешни работи постапува и ќе изрече санкции во однос на инцидентот со градоначалникот на Крива Паланка и полицаецот, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција и додаде дека ќе бидат изречени санкции без притоа да се гледа дали учесникот во тој настан е на одредена позиција или не. Тој нагласи дека градоначалниците се избрани од граѓаните и имаат одговорност пред нив во рамки на својот мандат, а институциите треба да ја водат постапката непристрасно.
„Сите институции што се дел од системот за санкции треба да одлучуваат непристрасно“, порача премиерот.
На социјалните се огласи и полицаецот кој доби шамари од градоначалникот, кој тврди дека по сообраќајка градоначалникот во алкохолизирана состојба му пришол и го нападнал бидејќи со оштетеното возило го попречувал патот.
„За среќа, немаше никој повреден при судирот, но за жал пак, градоначалникот не ги знае законските прописи, своите обврски и должности, а најмалку и да ги почитува истите. Уште не ја знаеме причината за нападот, но со сигурност можеме да тврдиме дека тоа е дел од скриеното лице кое го покажа на најлош можен начин. Јас не возвратив на насилството ниту физички ниту вербално и како што е пропишано по закон, на професионален начин се јавив веднаш во полиција и го пријавив случајот. Полицијата дојде, направен е записник со притоа се соочив огромни притисоци и закани, како од таткото на градот така и од неговиот брат, бидејќи сепак напаѓачот е добро познат на сите“, пишува во објавата на Стоевски.
Случајот го потврди и министерот Спасовски Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој во изјава за медиумите нагласи дека останува на градоначалникот на Крива Паланка дали ќе си поднесе оставка.
„ Има таков пријавен настан. Колегите работат на расчистување и до утре ќе ги имаме сите детали и ќе соопштиме пред јавноста. Јас сакам да ги видиме аспектите и да не прејудицираме, секако дека се сноси одговорност за нешто што го правите во некој момент, треба да сте свесни и за одговорноста. Но, да не прејудицираме пред да изградиме став“, изјави министерот за внатрешни работи.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа градоначалникот Сашко Митовски да се извини и да си даде оставка.
„Митовски покажува дека е човек кој ем силеџиски тероризира граѓани, ем после тоа кукавички врши притисоци да се забошоти овој скандал. Самоволието и насилството на градоначалникот на СДС мора да биде казнето. Шерифлукот на функционерите од владејачката партија станува опасност по безбедноста на граѓаните. Очигледно колку повеќе чувствуваат дека им се ближи политичкиот крај, толку понервозни стануваат. Но, треба да знаат дека власта на СДС и ДУИ, партизираните судии и обвинители нема вечно да ги штитат за криминалите и прекршувањата на законот кои ги прават. Граѓаните се охрабруваат и ниту им се плашат, ниту им молчат. Доаѓа времето за одговорност и народна казна“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозицијата, не е прв случај градоначалникот да нападне граѓани, бидејќи и претходно нападнал човек во својата канцеларија и за тоа знаела целата јавност, па го повикаа МВР да му поднесе кривична пријава.