МВР: Граѓаните да не наседнуваат на повиците за лажни сообраќајки


Во изминатиот период во Министерството за внатрешни работи од страна на граѓаните пријавени се повеќе кривични дела „измама“, кои се извршени врз повозрасни лица, информираат оттаму.

„Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници, и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша глас кој бара помош“, велат оттаму.

МВР ги известува граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно апелираат до граѓани да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а ако бидат контактирани, веднаш да пријават во полиција.