Музејот на македонската борба за самостојност ќе одбележи 15 години од основањето


Фото: Б. Грданоски

Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност денеска ќе одбележи 15 години од основање со свечена програма, во рамки на која ќе бидат презентирани дел од изложбените, издавачките и програмските активности реализирани во изминатите години.

По повод јубилејот, во музејот ќе биде отворена ретроспективна изложба на плакати од реализираните изложби, како и презентација на избрани печатени изданија и каталози објавени во изминатите петнаесет години.

Во рамки на програмата ќе биде прикажана и видеопрезентација со архивски материјали, преку која посетителите ќе имаат можност да се запознаат со досегашната работа на установата и реализираните проекти.

Од музејот посочуваат дека одбележувањето на јубилејот претставува осврт кон изложбите, проектите и соработките што ја обележале работата на институцијата во изминатите 15 години.

На свеченоста, која ќе почне во 19 часот, ќе бидат доделени и благодарници на поединци и институции кои придонеле за развојот и поддршката на работата на Музејот на македонската борба за самостојност.