Мукаетов за „Магазин Бизнис“: Ќе продолжиме да инвестираме во луѓе, во нови технологии и во истражување и развој

Покрај континуираното инвестирање во развој на бизнисот, вложувањето во заедниците ќе остане на врвот на агендата на „Алкалоид“


Земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари бидејќи нашите производи се познати таму веќе 85 години. Извезуваме и во Европската Унија, Русија и ЗНД, Северна Америка, како и во некои земји на Блискиот Исток, додека, пак, Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија и Саудиска Арабија се некои од новите пазари што ги додадовме на нашата листа во последните години, вели Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје за српскиот „Магазин Бизнис“.

„Инвестиции во нови технологии, целосна дигитализација на деловните процеси, удвојување на бројот на канцеларии на ‘Алкалоид’ надвор од Северна Македонија, отворање производство во Србија и формирање на Институтот за истражување и развој и на Центарот за контрола на квалитетот – во сето тоа ‘Алкалоид’ инвестираше повеќе од 200 милиони евра во изминатите 15 години. Сето тоа придонесе нашите пласмани да пораснат од 53 милиони на над 205 милиони евра, кои се очекуваат до крајот на оваа година“, вели Мукаетов на нашето прашање за клучните точки во развојот на компанијата, која одбележува 85 години од работењето.

„Алкалоид“ пред 11 години отвори производствен погон во Србија и таа е првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата во 2010 година започна со сопствено производство и каде што основаше големопродажба.

„Во Србија вработуваме 145 луѓе, што доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Во производствената програма на ‘Алкалоид’ во Србија имаме повеќе од 160 производи во делот на фармацијата. Тука е и нашиот бренд Becutan, со кој растеа и со кој растат генерации низ целиот регион. Во Србија инвестициската клима е поволна, а од погонот во Белград го покриваме пазарот на цела Србија. На долг рок планираме да го искористиме бесцаринскиот договор што го има Србија со Евроазиската унија (Русија, Казахстан, Белорусија и други земји)“, вели Мукаетов.

На прашањето како ја оценува конкуренцијата во фармацевтската индустрија во регионот и каква е позицијата на „Алкалоид“ на регионалниот пазар, Мукаетов вели дека планот на „Алкалоид“ да излезе на светските пазари беше направен во средината на 90-тите години, кога започна најголемиот инвестициски циклус во историјата на компанијата – изградба на нова фабрика за цврсти дозни форми и за полусинтетички цефалоспорини.

„По долги преговори со меѓународните финансиски институции, тогашното раководство на ‘Алкалоид’ обезбеди конвертибилен заем од ЕБОР и од ИФЦ од околу 17,4 милиони евра, без никаква државна гаранција, туку преку примена на строги практики на корпоративно управување. Но, во време на денешните брзи промени, фармацевтската индустрија мора да инвестира во нови технологии, истражување и развој, во иновации, капацитети и во луѓе. Заостанувањето би влијаело врз конкурентноста, а битката за пазари не е лесна. Се соочуваме со силни локални и регионални играчи, како и со големи генерички компании. Затоа е неопходно да се следат технолошките трендови и регулативи, заедно со инвестициите во луѓе и во капацитети“, вели Мукаетов.

Зборувајќи за најголемите предизвици во работењето во услови на пандемија, првиот човек на „Алкалоид“ вели дека во оваа здравствена криза научивме многу важни лекции и е забрзан развојот на нови вештини.

„Ги поттикнавме креативноста и иновативноста во компанијата, како и градењето стратегии што ги налагаат новото време и барањата на пазарот. Ни се чинеше дека најголемиот предизвик на почетокот на пандемијата беше нарушениот синџир на снабдување, кој година и половина подоцна, за жал, е уште полош. Цените на суровините се зголемени, а роковите за испорака се продолжени, така што, на пример, рокот за испорака на алуминиумска фолија сега е осум месеци, додека, пак, пред пандемијата беше три месеци. Побарувачката на одредени суровини и материјали е многу голема, па добавувачите од ден на ден поставуваат нови и потешки услови. Цената на контејнерите е речиси шесткратно зголемена, па сега наместо 3.000, плаќаме сума од околу 18.000 долари од испорачан контејнер во САД, а времето за испорака е двојно подолго. Но, тоа не е случај само во фармацевтската индустрија. Соочувањето со суровата реалност е неизбежно, а редефинирањето на процесите, изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со потрошувачите и одржливото приспособување кон промените се дел од препораките кои вреди да се применат“, вели Мукаетов.

На прашањето во кој правец оди развојот на „Алкалоид“ и на кој сегмент се дава приоритет во развојот, Мукаетов вели дека, покрај континуираното инвестирање во развој на бизнисот, вложувањето во заедниците ќе остане на врвот на агендата на „Алкалоид“. Така, минатата година „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа над 1,2 милиони евра на различни основи, од кои околу 300.000 беа наменети за земјите од регионот, вклучително и за Србија. Во духот на нашиот слоган „Здравјето пред сè“, „Алкалоид“ ќе остане посветен на позитивните вредности: кредибилитет, професионален интегритет, хуманост и човечка солидарност. „Годината на нашиот 85-годишен јубилеј беше полна со неизвесности и со предизвици, но наш императив е да изградиме компанија во која задоволни луѓе ќе ги вложат своите потенцијали за заеднички успех на сите во ‘Алкалоид’“, вели Мукаетов.

Тој исто така додава дека постои погрешна перцепција дека профитите на фармацевтските компании растат, особено во време на здравствена криза. Порастот на продажбата на производите на „Алкалоид“ за 2020/2021 година беше на ниво на просечен раст во последните пет години, иако светските економски трендови укажуваат дека продажбата на лекови на светско ниво годинава е намалена за четири отсто.

„За време на пандемијата имавме зголемена побарувачка на антибиотици, а целосен застој кај одредени категории лекови кои не лекуваат COVID. Моравме да ги приспособиме нашите планови на потребите на пазарот и беше навистина тешко да се заземе правилен став, имајќи ги предвид сите логистички предизвици. Претходните две години беа многу стресни за целиот систем, но успешно се справивме со големите предизвици. Оваа криза може да биде многу добро училиште за сите нас“, вели Живко Мукаетов за српскиот „Магазин Бизнис“.