Мицкоски во улога на проводаџија, со Славески и Димитриеска Кочоска ќе бара купувачи за Алта банка Битола


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека заедно со гувернерот Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, во наредните денови ќе имаат средби со потенцијални купувачи на Алта банка ад Битола, која е под управа на Народната банка, откако нејзината банка – мајка во Србија се најде во стечај. Наоѓањето нов инвеститопр во битолската банка е едно од можните решенија за банката, која сега е администрирана од НБМ, а другото, кое што го најави вчера премиерот Мицкоски е повлекување на лиценцата за работа од старна на НБМ што автоматски повлекува отворање стечај. 

„Следните неколку денови, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Народната банка и Владата имаат свои инструменти и со нивна помош целосно се контролира состојбата со Алта банка.

„Апсолутно нема простор за загриженост. Целта е да се спаси банката, бидејќи станува збор за здрава финансиска институција“, истакна Мицкоски.

По пуштање во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово, прашан за коментар околу обвинувањето на СДСМ дека ниту еден од понудените два модела за Алта банка нема да вродат со плод, тој повтори дека Владата и СДСМ имаат различна амбиција. Според него, опозициската партија се радува на црните сценарија, додека власта се обидува да најде решение, односно купувач на банката, бидејќи смета дека навистина е во одлична состојба.

„Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач ќе биде обесштетен, бидејќи најголемиот дел од штедните влогови се осигурани во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио, односно да најдеме купувач“, рече Мицкоски.

Тојј посочи дека станува збор за увезен проблем од кај нашиот северен сосед, од каде последната информација е дека менувачниците ја ограничиле размената на динари до 300-400 евра.

„Значи, не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија. Голем број наши компании соработуваат со српски компании и многумина од сопствениците на тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму, бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. Дел од нив дури и го затвориле својот бизнис односно банкротирале, со што практично нашите компании сега имаат проблем, рече Мицкоски.

Тој изрази надеж дека многу брзо ќе биде формирана владата во Србија и оти таа влада ќе води проевропска реформска политика, „нешто што на нас ни е важно“.