Мукаетов: Успехот на „Алкалоид“ се должи, пред сѐ, на квалитетот на луѓето кои работат во компанијата

Наместо да имаме ветер во грб како бизнис - заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние многу време, за жал, трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери на она како државата функционира секојдневно, вели првиот човек на „Алкалоид“ во интервју за „Алџезеира Балканс“


 

 

Првиот човек на „Алкалоид“, Генералниот директор и Претседател на УО, Живко Мукаетов во интервју за „Алџезеира Балканс“ (Al Jazeera Balkans) вели дека успехот на оваа наша реномирана фармацевтска компанија, се должи пред сѐ на квалитетот на луѓето кои работат во неа, на квалитетот на производите, адаптибилноста и на постојаните инвестиции.

Компанијата „Алкалоид“ веќе 87 години успешно работи на домашниот и на странските пазари, за што зборуваат и податоците дека во неа се ангажирани над 2.600 вработени, од кои 600 надвор од границите на Северна Македонија, инвестициите од над 104 милиони евра во последните пет години беа препознаени од Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан кој ја прогласи компанијата за водечки инвеститор во регионот.

„Успехот на ‘Алкалоид’ се должи, пред сѐ, на квалитетот на луѓето кои работат во компанијата. Зборуваме за над 2.600 вработени, семејства, кои се дел од нашата компанија, едно големо семејство. Се должи, секако, на квалитетот на производите; се должи на она што значи брендот ‘Алкалоид’, на она што значат брендовите кои ‘Алкалоид’ ги има и кои се нашироко познати, дали се тоа ‘кафетин’, ‘бекутан’, ‘панцеф’, ‘Good Nature’ и многу други, така што сето тоа има свое влијание на она што значи континуиран развој на компанијата. Тука би сакал да истакнам дека квалитетот секогаш ни е на прво место. И тоа е многу важно за една компанија во континуитет да може да гради еден позитивен имиџ за себе и за своите производи. Исто, за мене е многу важно што компанијата за сите овие години успеа да покаже една резилиентност и да покаже една способност за адаптација кон новите ситуации кои се случуваат онаму каде што е присутна“, вели Мукаетов во интервјуто.

Тој додава дека тајната на долговечноста на компанијата е посветеноста, тимската работа, лојалноста, но и континуирано инвестирање во едукацијата на вработените кои растат со компанијата.

„Од една страна, менаџментот се труди да води грижа колку може за своите вработени, а, од друга страна, вработените посветено даваат придонес една компанија да се развива како што треба“, вели Мукаетов, осврнувајќи се меѓу другото и на својот развоен пат во „Алкалоид“.
Оваа наша компанија лани оствари рекорден извоз од над 157 милиони евра. На прашањето на што се должат ваквите резултати, особено удвојувањето на продажбата во Полска или зголемувањето за 80 отсто во Романија, но и во САД, Мукаетов вели дека се особено горди поради тоа што од 2005 година, па наваму секоја година компанијата расте во однос на годината претходно.

„Компанијата има пораснато некаде за четири и пол пати во последните 17 години. Се должи, како што кажав, пред сѐ, на градењето едно портфолио на производи, развој на производи кои имаат додадена вредност, производи кои можат да се диференцираат од конкуренцијата врз база на својот квалитет, својата препознатливост и својата конкурентност онаму каде што ги продаваме. Но, за да се постигне сето тоа, пак сѐ се сведува на квалитетот на она што го работат луѓето, на квалитетот на нашите кадри, кои без комплекси можат да се носат со која било конкурентска компанија каде било во светот.

Зборувајќи за наградата на КИФ, Мукаетов вели дека за „Алкалоид“ е огромна чест да се добие една таква награда.

„Мислам дека е апсолутно заслужено затоа што компанијата е влезена во еден сериозен инвестициски циклус во многу сегменти од работењето. Дали се тоа нашите производствени капацитети, дали новите технологии, дали е тоа истражување и развој, дали е тоа магацинскиот простор, значи во разни сегмент од работењето, и сметам дека тоа треба да биде поттик и за другите компании континуирано да инвестираат“, вели Мукаетов, додавајќи дека регионот го доживува како домашен пазар, како и дека има многу простор за градење синергија.

„Ние, на пример, имаме конкурентски компании кои ни се партнери во одредени проекти во Хрватска, во Босна и Херцеговина и во Србија. Од друга страна, регионот го доживуваме и како една можност за натамошно развивање на самата компанија. Така, на пример, ние инвестиравме во производство на фармацевтски производи во Србија, инвестиравме во хемиска лабораторија во Љубљана. Нашата, да кажеме, Служба за правни корпоративни работи е стационирана во Загреб, што значи дека направивме една фузија од можностите на регионот“, вели Мукаетов.

На прашањето што е најбитно за бизнисот во регионот, Мукаетов вели дека треба да се биде максимално рационален, како и знаењето кое е акумулирано во компаниите да се разменува. Од друга страна, тој смета дека бизнисот треба да биде многу погласен, затоа што во регионот, за жал, политиката некако не дава шанса она што компаниите можат да го постигнат тие заедничките соработки.

„Би ја земал Словенија за споредба. Една земја која што излезе од екс Југославија, таму веќе можете да видите еден сосема друг сооднос на сили, каде што дефинитивно бизнис -заедницата диктира и затоа таа држава се развива, оди напред со едно темпо кое за сите нас останати, за жал, веќе е толку далеку да може да го фатиме“, вели Мукаетов, додавајќи дека она што важи за регионот, веројатно во Македонија е уште повеќе изразено.

(Фото: Принскрин Јутјуб)

„Ние, за жал, имаме ситуација на едно политизирано општество, на општество кое е разделено на табори. Нашата политика сите овие триесетина години не покажа капацитет да развива една држава, модерна, една држава која би била капацитативна, која би била конкурентна на многу полиња. И, за жал, таа доминација на политиката версус она што е еден нормален развој на една држава ја чувствуваме во сите пори на општеството. Ние имаме објективно многу послаб образовен систем од она што беше при преминот од старата во новата држава. Имаме еден здравствен систем кој сите го чувствуваме дека не е како што треба. Имаме една кадровска политика каде што во администрацијата се оди строго на квантитет, а не на квалитет; каде што сме сите заглавени во бирократските лавиринти на комбинациите меѓу партиите, од една страна, и сите административни ентитети и сето тоа на крај се одразува наместо да имаме некој ветер во грб како бизнис – заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние многу време, за жал, трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери на она како државата функционира секојдневно“, вели Мукаетов.

Тој во интервјуто за „Алџезеира Балканс“ зборува и за проблемот со иселувањето на младите за што вели дека ако пред десетина години најголем предизвик за „Алкалоид“ биле продажбите, денеска е како да се задржат квалитетните луѓе тука, како да се мотивираат, што сѐ треба да се направи за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри.

„Ние влеговме во повеќе проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни дополнителни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет“, вели Мукаетов.

Во рамките на ваквите заложби, секако е и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ која веќе стипендираше над 600 студенти од областа медицина и фармација.

Мукаетов во интервјуто зборува и за неговиот ангажман во македонскиот спорт, особено за ракометот, но и за предизвиците со вештачката интелигенција, за можноста да се пронајдат лекови за болестите кои сега се неизлечливи, за слободното време, семејството…

Целото интервју ТУКА.