Муцунски зборуваше за мултатерализмот во ОН


 

На маргините на 79. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се обрати на Самитот на иднината на Интерактивниот дијалог на тема: „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународниот мир и безбедност“.

Во своето обраќање, министeрот Муцунски нагласи дека во денешно време се соочуваме со многу закани, вклучувајќи нови конфликти, тероризам, насилен екстремизам, ризици од нови технологии, кршење на човековите права и климатски промени. Тој истакна дека ниту една земја сама не може да се справи со овие предизвици и дека е неопходен ефикасен мултилатерализам за обезбедување на меѓународниот мир и безбедност.

„Самитот на иднината претставува можност за зајакнување на глобалното владеење и одговор на актуелните и идните предизвици. Пактот ни нуди траекторија за глобални акции и отвора пат за засилување на мултилатерализмот“, истакна министерот Муцунски во обраќањето.

Воедно, тој нагласи дека иднината треба да биде предвидлива, просперитетна и без страв, нагласувајќи дека злото од војна и конфликти мора да остане во минатото.

„Денес имаме уникатна шанса да ја зајакнеме нашата мултилатерална агенда и глобалните системи, прилагодувајќи ги на предизвиците со кои се соочуваме во областа на меѓународниот мир и безбедност. Утре веќе е наша сегашност“, додаде тој, истакнувајќи ја подготвеноста активно да учествуваме во напорите за зајакнување на мултилатерализмот.