Муцунски во САД остварил напредок во преговорите за тарифите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е во посета на Вашингтон, соопшти дека бил постигнат конкретен напредок во преговорите за намалување на тарифите што ги воведоа САД.
Муцунски оваа информација ја сподели на својот профил на Фејсбук, по средбата со Џејмисон Грир – трговски претставник во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, на која се разговарало за следните чекори за потпишување на договор за слободна трговија меѓу двете земји.
„Фокусот на средбата беше ставен на унапредување на билатералната трговска размена и отворање нови можности за економска соработка меѓу двете земји. Постигнавме конкретен напредок во преговорите за намалување на тарифите, како и во дефинирањето на следните чекори кон потпишување договор за слободна трговија“, напиша Муцунски.
Грир и Муцунски разговарале и за обезбедување стабилна и предвидлива регулаторна рамка за американските компании заинтересирани за инвестирање во нашата држава.