Муцунски во ЕП: Македонскиот јазик, идентитет и достоинството не се предмет на преговарање


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево
учествуваше и се обрати на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет  на Македонија  и Европска унија, што се одржува  два дена во Стразбур. Во своето обраќање пред членовите на Комитетот, Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои нашата
држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и
покажала конзистентна определба за европската интеграција.

Министерот нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на европесимизам. Во таа насока, тој укажа дека државата е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.

Муцунски се осврна и на реформските процеси поврзани со Планот за раст и Реформската
агенда 2024–2027, истакнувајќи дека реформите се насочени кон економски развој, задржување на младите и привлекување инвестиции. Тој подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан.

Во делот на билатералните прашања, министерот посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не и штети само на нашата држава, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на
европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Повтори дека
македонскиот јазик, идентитет и достоинството на граѓаните не се, и не може да бидат предмет на преговарање.

Министерот потенцираше дека државата останува конструктивен партнер во регионот, посветена на добрососедските односи, исполнувањето на меѓународните обврски и унапредувањето на соработката со сите соседи каде што тоа носи конкретни придобивки за граѓаните. На крајот од обраќањето, Муцунски изрази благодарност до Европскиот парламент за доследната поддршка на европската перспектива на земјата и порача дека македонските
граѓани остануваат цврсто проевропски. Тој повика на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми.

На тоа реагираше бугарскиот европарламентарец Кристијан Вигенин кој рече дека не е точно дека Бугарија ја блокира евроинтеграцијата на Македонија и дека ако сака уште „утре“ може да ги почне преговорите за членство. Бугарија, додаде тој, ќе направи се што е можно тие да одат брзо. “Нема зошто да играме околу слонот во собата, кога знаете каде е проблемот“, рече Вигенин.

„ЕУ заедно со Скопје и Софија да најде сили за да се надмине спорот. Потребни се решенија за да не останеме заглавени во историските прашања“, беше пораката на известувачот во Евро-парламентот за Македонија, Томас Вајц.

„Да направиме се да го искористиме овој моментум се додека го имаме, за да тргнат работите. Да инвестираме во сите конструктивни сили од македонска и од бугарска страна и од страна на Европската унија. Да преминеме преку тој камен на сопнување. Да бараме решенија и да не заглавуваме премногу во историските спорови“, рече Вајц.

На комитетот се обрати и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој рече дека за Македонија, европскиот пат никогаш не бил далечна аспирација и отсекогаш претставувал секојдневна задача, дисциплиниран напор посветеноста да се претвори во резултати.

„Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан му даде на овој напор нова димензија. Тој претставува и признание за она што е постигнато и покана за понатамошно продлабочување на напредокот. Преку овој План, Европската Унија покажа дека интеграцијата не е процес што се одложува за некој иден момент; таа започнува со трансформација на системите, економиите и општествата уште денес и може да донесе опипливи придобивки дури и пред формалното членство. Северна Македонија ја предводи таа трансформација.

Бевме првата земја во регионот која го стави во функција Инструментот за реформи и раст и доби претфинансирање од над педесет и два милиони евра. Реформската агенда што ја донесовме е сеопфатна и амбициозна, опфаќа реформи во управувањето и јавната администрација, владеењето на правото, енергетската и зелената транзиција, дигитализацијата и развојот на човечкиот капитал. Таа им дава структура на нашите реформи и јасност на нашите цели. За помалку од една година, поднесени и одобрени се две барања за ослободување средства, што претставува конкретен напредок во низа области: од дигиталната инфраструктура и енергетската ефикасност до подобрувањето на бизнис-климата. Веќе се исплатени вкупно дваесет и четири милиони евра, со дополнителни средства што може да се обезбедат по исполнувањето на дваесет и деветте активни реформски чекори предвидени за декември 2025 година, како и заостанатите чекори од претходните извештајни периоди. Секој чекор претставува многу повеќе од бирократска етапа; тој е показател за кредибилитетот на земјата и за посветеноста на Владата кон трајни промени“, уверуваше Муртезани.

 
Според него, инвестициската агенда во рамките на Планот за раст продолжува да се развива и по обем и по визија.
 
„Во подготовка се дваесет и еден крупен проект, во вредност од околу 1,1 милијарди евра, кои ќе бидат поддржани со над половина милијарда евра преку Инвестицискиот рамковен фонд за Западен Балкан (ИРЗБ). Овие проекти опфаќаат иницијативи во областите енергетика, дигитализација, транспорт и образование, – иницијативи наменети да ги поврзат граѓаните, да ја подобрат конкурентноста и да ја зајакнат одржливоста. Северна Македонија, исто така, аплицираше за четири нови проекти во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан, кои комбинираат техничка помош и инвестициски грантови, со цел да се зајакнат темелите за долгорочен раст.  Паралелно, работиме на финализирање на патоказите за отворање на поглавјата Владеење на правото и Реформа на јавната администрација, како почетни одредници за кластерот Фундаментални вредности. Патоказот за РЈА веќе е одобрен од Владата, додека патоказот за Владеењето на правото се финализира во координација со Европската комисија. И двата документа се усогласени со пошироките европски стандарди и со скрининг-извештајот на ЕК. Во нив се утврдуваат рокови, мерливи индикатори и институционална одговорност, осигурувајќи дека реформите не се изолирани чекори, туку дел од еден континуиран процес. Патоказот за функционирањето на демократските институции, кој се подготвува во консултација со Комисијата, го зајакнува овој рамковен пристап преку зацврстување на транспарентноста, отчетноста и плурализмот“, најави Муртезани.
 
Резултатите од овие реформи, порача Муртезани,  веќе го трансформираат секојдневниот живот на македонските граѓани.
 
„Преку стратегијата SMART/MK 2030 дигиталните услуги се трансформираат; Законот за електронски комуникации е усогласен со Европскиот кодекс за електронски комуникации, со што се обезбедува солидна правна основа за натамошно усогласување со правото на ЕУ за роаминг во рамките на иницијативата „Роаминг како дома“; а со лансирањето на WiFi4WB, шеесет и три општини наскоро ќе овозможат бесплатен интернет на јавни места. Основањето на нашиот национален центар за вештачка интелигенција, ВЕЗИЛКА, нè постави меѓу првите во регионот што кои создадоа екосистем за одговорна употреба на вештачката интелигенција. Во исто време, со нашето приклучување кон Единствената зона за плаќање во евра, европската интеграција стана конкретна и опиплива реалност за граѓаните и за бизнисите. Трансакциите што претходно траеја со денови, сега се завршуваат за неколку моменти, семејствата и бизнисите штедат на трошоци, а прекуграничната соработка станува секојдневна реалност. Ова е јасен показател како реформите се претвораат во можности, а интеграцијата станува вистинско, доживеано искуство“, порача тој.
 
Потоа тој потсети на неостварените ветувања од Солун.
 
„ Треба да се потсетиме на едно ветување дадено пред повеќе од две децении, во Солун, дека иднината на Западен Балкан е во европското семејство. Тоа ветување мора да продолжи да живее не само преку зборови , туку и преку дела. За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“, рече тој.