Муцунски објави со кого се сретнал во САД


Фото: Б. Грданоски

Откако медумите пренесоа дека шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски остварил успешна посета на САД, без да се каже со кого се сретнал и што разговарал, уште помалку на чија покана отишол таму и дали престојува официјално или самоиницијативно, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија испратија соопштение. 

Во него стои дека во рамки на посетата министерот Муцунски остварил значајни средби со заменик-помошникот државен секретар во Стејт Департментот, Брендон Јодер, со  потпретседателот на Атланскиот совет на САД, Метју Кроениг, како и со лица вклучени во транзицискиот тим на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој од 20 јануари ќе стапи на функцијата. Дополнително, тој имал средби со претставници на водечки компании од бизнис секторот.

„Фокусот на политичките средби беше ставен на унапредување на билатералната соработка, заедничките заложби за глобалната безбедност и трансатлантската соработка. Во разговорите со бизнис заедницата, акцентот беше ставен на преставување на можностите за инвестирање во државата и зајакнување на трговските врски помеѓу двете земји“, стои во соопштението на Министерството..