Муцунски многу задоволен од разговорите со Герапетритис
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денешната средба со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис ја оцени како одлична, позитивна и конструктивна. На средбата која се одржа во просториите на Мисијата на Грција во ОН во Њујорк, било отворено прашањето и за примена на Преспанскиот договор.
„Сметам дека во духот на добрата верба и во духот на почитувањето на обврските кои произлегуваат од меѓународното јавно право заеднички ќе работиме сите да ги реализираме обврските кои што ги имаме“, изјави Муцунски по средбата, јави известувачот на МИА од Њујорк.
Македонскиот министер инфирмираше дека на неа се разговарало „многу повеќе за она што може да нѐ обедини отколку она што може да нѐ раздели“.
„Зборувавме за Коридорот 10, за енергетското поврзување, за стимулирањето на трговијата и деловната активност од двете страни за потребата од подобување на меѓусебните политички односи и за тоа како да го движиме процесот на европска интеграција напред“, рече Муцунски.
Ние како мала земја која што не излегува на море, нагласи тој, особено значење ставаме на меѓународното јавно право бидејќи тоа на нас ни значи многу од повеќе гледни стратешки точки.
„Затоа сметам дека е добро што се видовме. Се договоривме понатаму да имаме активна комуникација по однос и на предизвиците кои секако ќе се појавуваат помеѓу двете држави. Очекуваме денешната средба да биде отворање на еден нов лист на односите помеѓу двете влади на добра комуникација, да разговараме за многу проекти кои заеднички можеме да ги реализираме, а кои што ќе донесат економска благосостојба и за двете држави и народите на двете држави и подобро поврзување и од инфраструктурна и од енергетска гледна точка“, рече Муцунски.
„Зборувавме за засилувањето на трговската размена помеѓу двете страни со некои конкретни идеи кои ќе произлезат во иднината. Мислам дека доколку преземаме позитивни чекори односите ќе стануваат сѐ подобри и подобри“, рече Муцунски.
Тој го поканил грчкиот министер за надворешни работи Герапетритис кога ќе може да дојде во посета на нашата земја. Министерот кажа дека засега нема најава за средби на претседателско или на премиерско ниво.
„Развојот на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, зависи од исполнувањето на обврските кои произлегуваат од аки комунитер на ЕУ, меѓународното право каде што спаѓа и посветеноста во меѓународните договори како што е Договорот од Преспа и преку одржувањето на добрососедските односи“, изјави за грчката државна телевизија ЕРТ министерот Герапетритис за средбата со Муцунски.