Муцунски: Ќе се спојат Дирекцијата за ТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска изјави дека е готова нацрт верзија на Законот за надворешни работи, што наскоро ќе биде презентиран пред јавноста во редовна постапка и со кој ќе се зголемат надлежностите на овој ресор.
Муцунски најави дека се работи и на спојување на Агенцијата на привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата одговорна за технолошко-индустриските развојни зони, а ќе се зголемат и ангажманите на дипломатско-конзуларните претставништва во економска смисла.
– Истовремено работиме на спојување на неколку ангенции. Тоа е Агенцијата на привлекување на странски инвестиции и Агенцијата која што е одговорна за ТИРЗ односно Дирекцијата, во една институција која што ќе има надлежност усогласена со политиките коишто ќе се креираат во МНР и НТ, да ја промовира државата како потенцијална дестинација за привлекување инвестици, но истовремено таа една иста инстистуција да соработува со сите други, со сите инвеститори по нивното присуство во државата. За жал имавме до сега пристап што не овозможуваше најдобри услови за инвеститорите посебно по нивното доаѓање во државата. И затоа мораме да работиме на креирање на добри политики од таа гледна точка. Јас гарантирам дека Министерството ќе биде креатор на политики коишто ќе обезбедат повисоки стандарди на ова поле, ќе имаме зголемен ангажман, нашите ДКП веќе од следниот период ќе бидат дополнително ангажирани, рече Муцунски.
Тој кажа дека веќе имаат и голем број конкретни ангажмани коишто ги имаат преземено во последннот период, како разговори со повеќе инвеститори.
-Дел веќе се обврзаа за инвестици во државата и работиме заедно со нашите стопански комори и со нашите претприемачи да ја промовираме македонската економија и сите извозни капацитети коишто истата ги има, рече Муцунски.