Муцунски како НЛО, бил во Вашингтон а никој не видел
Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски се надмина себеси. Бил во посета на Вашингтон, а никој во Македонија не знае за тоа, ниту пак некој видел нешто од неговите силни активности таму. Да не објавеше статус на социјалните мрежи и не си ја прогласеше посетата како успех, можеби ќе беше и подобро, бидејќи немаше да се знае колку е нетранспарентен и невидлив како министер, особено по Бујар Османи кој практикуваше други стандарди во дипломатијата и не си правеше приватна работа од функцијата. Бидејќи од неговите наводни успешни средби немаше никакво соопштение за јавноста, ниту пак некој видел фотографија, мора да и веруваме на објавата по посетата во која стои:
„Успешна посета на Вашингтон! Продуктивните средби и дискусии беа насочени кон унапредување на македонско-американските односи.Со заеднички напори и посветеност, продолжуваме да градиме силен сојуз и трајно пријателство, придонесувајќи за заеднички напредок и регионална стабилност“.
Во соопштението Муцунски напиша дека во рамки на престојот остварил значајни средби и конструктивни разговори за понатамошно унапредување на македонско-американските односи, со оценка дека ваквите средби се клучни за зајакнување на стратешкото партнерство помеѓу двете земји.
Неофицијално, во текот на посетата министерот имал можност да се сретне со високи американски претставници, а разговорите биле насочени кон зацврстување на билатералната соработка помеѓу двете земји. Колку и да се има политичка фантазија од овие објави на шефот на дипломатијата не може да се сфати ни кога бил во САД, ни со кого се сретнал, а уште помалку што разговарал и договарал, т.е. елементарни технички нешта околу посетата, за која сите треба да му веруваме дека била успешна.
Патем, Муцунски доаѓа од партија чија главна причина што одбива да разговара за уставните промени беше дека не била консултирана кога се договараа условите со Бугарија, а сега дипломатијата е сведена на ниво на подземје. Стана практика високи западни функционери да доаѓаат кај нас, а за нивните посети да се дознае отпосле, откако ќе завршат средбите , како што се случи со специјалниот пратеник на Обединетото Кралство, Стјуард Пич, германската министерка за Европа, Ана Лирман, Ричард Гренел, десната рака на Доналд Трамп и многу други.