Муцунски гледа злонамерни актери во регионот, побара од Брисел да не интегрира што побргу
Радмила Шекеринска порача дека напредокот на Македонија со членството во НАТО е заштитен и дека ако Русија нападне во Европа, силно ќе возвратат
Министерот Тимчо Муцунски ја дистанцираше денес сосема јасно Македонија од Русија и од Кина, порачувајќи дека „злонамерни актери настојуваат да ги нарушат демократските процеси во регионот“ и дека ЕУ и НАТO треба да одговорат на тоа – со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан.
„Во регионот на Западен Балкан сведочиме на засилени активности на злонамерни актери кои настојуваат да ги нарушат демократските процеси преку економски притисоци, политички влијанија и дезинформациски кампањи. Антизападните наративи кои се јавуваат во делови од регионот имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите и да го доведат во прашање европскиот и евроатлантскиот курс. Овие трендови бараат интензивна, долгорочна и координирана реакција и од НАТО и од Европската Унија. Нашето барање е обезбедување на долгорочна стратегија од НАТО и ЕУ за регионот, која ќе резултира со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во структурите на НАТО и ЕУ“, порача Муцунски на регионалната конференција организирана од Фондацијата Конрад Аденауер и поддршка на Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.
Зборувајќи за Кина тој рече дека таа е долгорочен системски предизвик.
„Нивниот економски раст, технолошките амбиции, нетранспарентните воени капацитети и специфичните односи со Русија бараат внимателна проценка, координација и усогласена реакција во рамките на НАТО и Европската Унија. Градењето заедничка отпорност во енергетиката, критичните материјали и инфраструктурата стануваат клучна компонента на нашата колективна безбедност “, нагласи Муцунски.

На панелот се обрати и заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, што од страна на германската амбасадорка Петра Дрекслер беше оценето како историски момент, бидејќи е прво обраќање на македонски функционер од толку висока позиција. Таа рече дека нашиот прием во НАТО значи дека нашиот напредок како држава е заштитен, откако најголем дел од обраќањето го посвети на војната во Украина и одговорот на Алијансата. Според неа, Русија ја врати војната во Европа и нејзината намера е со помошта на Кина и Северна Кореја, да го смени светскиот поредок.
„НАТО е и ќе остане основата на европската безбедност. Ако сме нападнати, силно ќе возвратиме“, рече Шекеринска од позицијата на функционер на НАТО. Според неа критички важно е клучната воената опрема произведена во САД и платена од Европа да продолжи да ја одржува Украина и паралелно да продолжи притисокот врз Русија да ја прекине оваа ужасна војна. Таа го спомена и регионот нагласувајќи дека НАТО повеќе од 30 години е посветен на неговата стабилност.
Американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека САД стојат цврсто зад НАТО и зад сојузниците и дека американското иввестирање во одбраната не е избор туку нужност, па ги повика сите во НАТО да го прават истото. Таа нагласи дека настаните покажале дека мирот не е гарантиран, дека не е бесплатен и дека – треба да се брани.
Германската амбасадорка Дрекслер рече дека ако светот околу нас се менува, мора да се смени и надворешната политика, па иако ја нагласи важноста на трансатланското сојузништво (на Европа со САД) во исто време рече дека Германија сака одбраната да биде по-европска. Таа , парафразирајќи ја изјавата на украинскиот претседател Володомир Зеленски дека е соочен со тежок избор, дали да го изгуби дигнитетот или да го изгуби клучниот партнер, го цитираше ставот на германскиот шеф на дипломатијата кој рекол дека Европа мора да осигура тоа да не е избор на Украина. Таа нагласи дека сојузниците треба да ја одвратат воената агресија на Русија, бидејќи е закана за заедничката безбедност и за заедничките вредности.
Антонио Милошоски се приклучи на општото оградување од Кина барајќи од ЕУ да им даде предност за членство на земјите кои не кокетираат со оваа земја, посочувајќи на неодамна одржана заедничка воена вежба на некоја соседна земја со Кина, за да не продолжи оваа тенденција. Тој исто така бараше да се реализира коридорот од Индија, преку Блискиот Исток до Европа за да парира на „Свилениот пат“ на Кина кој, според него, носи повеќе ризици од зависност, наедно истакнувајќи го значењето и на Коридорот 8 како проект што ќе ја зголеми мобилноста на НАТО и ЕУ.