Му рекле дека ќе добие 50.000 евра, добил 400 и тогаш бил уапсен директорот на Агенцијата


Уапсениот директор Илија Стоилев

 

Министерството за внатрешни работи и обвинителството денеска дадоа детали за вчерашната акција во која, меѓу другите, беше уапсен и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството,  Илија Стоилев. Покрај него уапсени се уште четири лица. Денешните детали за акцијата прилично се разликуваат од вчерашните наводи што беа пренесени од медиумите. Најзвучното име од уапсените, Стоилев, бил уапсен кога примил 400 евра како мито.

Во соопштението на МВР, се вели дека биле лишени од слобода пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Ф. (77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф. (44), Ј.К. (35) и И.С. (57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Д.Д.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.

Првоосомничен е тој што понудил мито. Како  управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил  подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши. Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.

При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност.