МТСП работи на нов закон за вознемирување на работно место


Законодавството во Македонија е согласно сите европски стандарди, согласно стандардите на ОН. Во Предлог законот за работни односи се воведоа нови институти, во делот на посебната заштита на жената во време на мајчинство и раѓање. Воведуваме два нови институти мајчинство и татковство, а родителското отсуство постои и понатаму. Целта е вклучување на таткото во растот и развојот на детето и можноста на враќање на мајката на работа. Се воведуваат и работа од дома и работа и далечина, особено значајни за младите.

Ова го истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната панел дискусија насловена: „Родовата еднаквост – клуч за економскиот раст на државата“ во организација на Европската бизнис асоцијација.

Тренчевска посочи дека МТСП работи и на нов закон за родова еднаквост и на зајакнување на владиниот механизам за родова еднаквост, односно создавање на секретаријат за родова еднаквост со кој ќе раководи вицепремиерка за родова еднаквост.

Исто така, таа информираше дека Министерството работи и на нов закон за вознемирување на работно место, исклучително важен кога се зборува за насилството врз жените и вознемирување на работно место, се посочува во соопштението од МТСП.