МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, редовната непречена исплата на пензиите го потврдува тоа


Од Министерството за труд и социјална политика ги демантираа и ги отфрлија тврдењата дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во криза и државата доцни со исплатите кон банките.

– Изминатите години нема ниту еден ден доцнење на исплатата на пензиите, а растот на истите е континуиран и јасно забележлив. Трансферите кон ПИОМ се навремени и сигурни, дури и во време на Ковид пандемијата, кога започна првата предвремена исплата на пензиите – велат од МТСП.

Појаснуваат дека со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на  новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 %. Првото усогласување  во Септември 2022 година беше 6.8%, второто во Март 2023година  – 8.4% и моменталната проекција за Септември 2023 година- најмалку 6 отсто. 

– Ниту едно од овие зголемувања не ја загрози стабилноста на Фондот, ниту ја поремети редовната исплата на пензиите. Тоа е јасен показател на посветеноста кон граѓаните и стратешкиот избор на донесени политики како и долгорочното планирање кое обезбедува стабилност на Пензискиот Фонд, но и сигурност на пензионерите -додаваат од министерството.

Министерството за труд и социјална политика апелира да не се креира страв кај пензионерите и да не се манипулира со недостатокот на информации кои го имаат, а се со цел да се обезбеди масовност на протестите кои се политички обоени.