МПЦ пред експлозија: Црквата е народот, а народот има свој кандидат

Метеорското унапредување на поранашниот амбасадор во Ватикан и предлогот на архиепископот Стефан тој да стане митрополит ги зовре страстите


Р

 

Изборот на наследник на починатиот дебарско-кичевски митрополит Тимотеј, ја зовре атмосферата во цркавата заканувајќи се да предизвика раскол во дел од верниците. Причина за тоа е ракетниот пробив на поранешниот амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓоргевски, кој за два дена го помина патот од замонашување со името Георгиј, потоа архиепископот Стефан го унапреди во јероѓакон и јеромонах, за потоа веднаш да го предложи за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Тоа предизвика гнев меѓу многу верници, особено оние кои многу го почитуваат отецот Партениј од Бигорскиот манастир. Тој има титула епискот антаниски. Тие утре ќе се соберат во 12 часот на протест пред резиденцијата на поглаварот на МПЦ-ОА на скопското Кале.

Во соопштението стои:

Црквата е народот, а народот има свој кандидат! Утре на 31 Мај (Сабота) од 12 ч. пред резиденцијата на Архиепископот г.г. Стефан во Криви Дол ќе се одржи мирен народен собир под мотото ‘Гласот на народот – глас на Бога’.

Верниците на МПЦ-ОА од неколку градови во Македонија, организираат мирен собир со цел поддршка за предлог на епископ Партениј како кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, но и поради начинот на избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Верниците се зачудени како Архиепископот со еден кандидат како предлог се оддржува избор?! За да има избор треба да предложите повеќе кандидати!? Избор со еден кандидат е парадокс, а тој кандидат не е викарниот епископ Антаниски со 30 години монашко искуство! Црквата е народот, без народ нема ни Црква!“, стои во соопштението.

Замонашувањето на отец Георгиј

Архиепископот вчера го испратил предлогот до членовите на Синодот, а седницата за избор ја закажал за 12 јуни оваа година.

Во известувањето, како што пренесува специјализираниот портал „Религија“  архиепископот пишува дека го предлага јеромонахот Георгиј за ракополагање во епископски чин и избор за митрополит за Дебарско-кичевската епархија.

Отец Георгиј, или поранешниот декан на Богословскиот факултет и ексамбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓоргевски беше замонашен на 27 мај. Следниот ден на 28 е произведен за јероѓакон, а вчера избран за јеромонах. Според предлогот на архиепископот на 12 јуни треба да биде избран за епископ и за митрополит, по само 16 дена од замонашувањето.