Може ли новиот економски план на ЕУ да направи Европа од Западен Балкан?
Се работи за контролирани средства кои ќе одат во инвестиции и во реформи, додека парите од буџетот ги трошиме на плати, трошоци за здравство, за пензиско, за социјала...
Високи преставници на ЕУ во петокот во Скопје го претставија пред министрите од Западен Балкан Планот за раст, како нов инструмент со кој ЕУ сака да го намали јазот меѓу неа и регионот и постепено да нѐ вклучи во политиките на Унијата.
Ова не е прв план што вака амбициозно се најавува од Брисел, но има поразличен пристап, а кажано балкански, главната идеја е парите што ги даваат како помош навистина да дадат резултат, да земаат само тие земји што заслужуваат и реално да почне интеграцијата на регионот во Унијата на обратен начин – не со одлука, туку со прифаќање на регулативите и постепено вклучување во регулираните области на Унијата.
Има ли шанси овој план да даде резултат каков што очекува ЕУ? – е најважното прашање, бидејќи целта е тој да создаде основа за повисок економски раст – по можност до седум отсто на годишно ниво, бидејќи само таков може да значи приближување кон Унијата, место двата отсто што со години ги има Македонија. За колкава финансиска помош поединечно станува збор сѐ уште никој официјално не кажува во Брисел, но таа ќе биде дополнување на помошта што ја добива Македонија секоја година и која сега е околу 100 милиони евра годишно.
Планот е ЕУ да обезбеди 2 милијарди евра неповратни средства и како доверлив партнер да обезбеди под поволни услови уште 4 милиони евра грантови кои ќе им бидат дадени на шесте земји од Западен Балкан во периодот од 2024 до 2027 година, при што во Македонија веќе имаше проценки дека нашата држава ќе добие една милијарда, бидејќи принципот е повеќе да добијат тие што имаат повеќе потреба да го фатат чекорот со Унијата. Но, од ЕУ порачуваат дека ако не се прават реформи, парите ќе се изгубат – истата минута.
Според она што се дознава, се очекува Планот за раст да биде изгласан во Европскиот совет во март, а дотогаш земјите од регионот да имаат веќе подготвено годишни реформски агенди , т.е. планови во кои ќе посочат каде и како ќе ги трошат. Дел од парите ќе стигнат веднаш, а другите ќе се исплатат кога ќе се исполнат реформите што се предлагаат. Според она што се дознава, ќе има седум рокови во кои ќе се дава отчет што е направено и по кои ќе следи награда или ускратување на фондот.
Иако на прв поглед парите споредени со годишниот буџет на Македонија не звучат многу за да се „потепаат“ во земјава да прават реформи, сепак станува збор за контролирани средства кои ќе одат во инвестиции и во реформи, додека парите од буџетот ги трошиме на плати, на трошоци за здравство, за пензиско, за социјала, за армијата, па и напумпани тендери – па развојот што го споменуваме секоја година станува мислена именка.
Пораките од ЕУ се дека процесот на проширување се смени и дека сега бара значителни ресурси, а овој План за раст ќе го обезбеди тоа. Иако парите се важни, она што е поважно е што планот ги отвора „вратите“ на ЕУ за земјите од регионот давајќи им шанса за неформално членство, со порака дека областите во кои ќе се усогласиме со ЕУ ќе бидат отворани и за нас и дека нема ограничувања.
Најголема придобивка, како што е познато, треба да биде вклучувањето на земјите од регионот во единствениот вропски пазар, но што значи тоа поконкретно и какви придобивки ќе има? Според планот, единствениот пазар на ЕУ ќе се отвори за производи од Македонија и другите земји од регионот, ќе се унапреди царинската и даночна соработка со Унијата со цел да се олеснат процедурите и да се забрза минувањето на границите, земјите ќе се приклучат на Конвенцијата за заеднички транзит на ЕУ, ќе се овозможи слободно движење на услугите и на работниците, ќе се договори признавање на дипломите од Западен Балкан во ЕУ и ќе ни се обезбеди пристап до Единствената платежна област со што ќе се намалат трошоците за меѓугранично преминување.
Планот предвидува исто така да ни се помогне да ги интегрираме патните инфраструктури во регионот и притоа ЕУ ќе нѐ вклучи во релевантните европски патни информациски системи , ќе ни помогне во интеграцијата и декарбонизацијата на енергетскиот пазар, ќе ни даде широка поддршка во разни аспекти од дигиталниот пазар вклучувајќи го и бришењето на роамингот со ЕУ земјите членки и ќе ни обезбеди вклучување во индустриските снабдувачки мрежи.
Според она што се дознава, три милијарди од средствата обезбедени со планот ќе одат директно во буџетите на шестте земји за да ги прават реформите, а другите три за инфраструктурни проекти. Сите тие ќе бидат условени и со исполнувањето на клучните реформи – владеењето на правото, борбата против корупцијата и демократијата. Од ЕУ тврдат дека средствата што ни ги даваат на нас ќе бидат практично блиску до нивото што го добиваат земјите членки како помош, а планот што сега сакаат да го спроведат го „пробале“ на себе по ковид кризата.
Иако формално земјите сами ќе ги подготват четирите годишни реформски агенди, тоа ќе го прават во консултации со Брисел, што ќе обезбеди сретствата да одат таму каде што треба да дадат резултат според очекувањата на Унијата или, како што велат од ЕУ – во реформи кои ќе направат најголема разлика во однос на социјално-економското прилагодување на земјите од регионот кон ЕУ. Земјите што ќе заостануваат ќе ги губат парите, а тие што ќе напредуваат ќе добиваат повеќе, но по искуството досега во регионот – навестуваат грејс период од една година за „повторувачите“, т.е. за тие што нема да ги остварат годишните реформи, а по таа година парите ќе им се одземат.
За да стане реален овој план сите шест земји ќе потпишаат по два договори со ЕУ – Договор за олеснување и Легален договор при што нема да има простор за условувања на помошта од земјите членки.