МОТ од 10-19 ноември, објавен повик за учество на домашни продукции

Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје објави повик за учество на домашни продукции на меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ), чие 47. издание ќе се одржи од 10 до 19 ноември.
„Будно следејќи ги активностите на домашната театарска сцена, претставени преку несомнено големите заложби за истрајност и континуирано и иновативно делување, особено на независната театарска сцена, програмскиот колегиум на МКЦ одлучи да организира посебна селекција за домашната продукција, а за најдобрата да воведе и награда“, соопшти МКЦ.
Селекцијата на претставите ќе ја прави програмскиот колегиум на МКЦ, а жирито ќе биде меѓународно. Предност при селекцијата ќе имаат продукции што доаѓаат од млади автори и оригинални, неконвеционални и иновативни продукции. Крајниот рок за пријава е 19 октомври.