Мостовите се градат уште во училиштата
Концептот „Едно општество за сите“ не е концепт што ќе го донесеме со закон. Тоа е концепт кој може да биде успешен само доколку биде прифатен од мнозинството граѓани, порачаа учесниците на завршната дебата за Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам.
Според вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, колку повеќе сме интегрирани внатре во општеството, толку повеќе ќе бидеме успешни надвор од државата.
„Дури и ние што најмногу сме се вложиле и сме работеле на темата интеграција во ЕУ, свесни сме дека успехот во интеграцијата во ЕУ и НАТО не е доволен, ако не успееме да понудиме интеграција внатре во државата. Концептот едно општество за сите ја дефинира нашата цел дека во оваа наша држава треба да обезбедиме повеќе канали на комуникација и повеќе разбирање меѓу различните. Таа интеграција ќе биде најголемото безбедносно, економско и социјално сидро за нашата држава“, порача Шекеринска.
Таа додаде дека говорот на омраза е заеднички непријател и оти сите треба да работат на негово искоренување.
Заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, констатираа дека училиштата се места каде што треба да се смислат механизми за создавање на мостови за комуникација меѓу децата и за почитување на различностите.
Важна улога во создавањето едно општество за сите, според вицепремиерот Османи, има одиграно и правичната застапеност со која им се овозможи на различните етнички заедници меѓусебно да се запознаат.
„Платформата што ја создаде Охридскиот рамковен договор за правна застапеност со вработувањето на луѓето во институции, болници и сите други државни институции, овозможи луѓето да се запознаваат меѓу себе, да бидат во иста канцеларија со Македонец, Турчин или Ром“, рече Османи.
Според него, треба да се работи и на довербата во судството бидејќи, како што рече, кај другите етнички заедници има мислења дека се носат поразлични судски одлуки кога се во прашање сторители Албанци, Турци, Роми… Првата работа што треба да се направи, според Османи, е да се потврди дали ова размислување е само перцепција или навистина се носат такви одлуки.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски порача дека медиумите треба да работат на елиминирање на говорот на омраза и на искоренувањето на појавата на лажни вести.
Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам досега беше презентирана во седум градови низ државата, а вкупно беа одржани девет јавни дебати. (П.Р.)