Москва не очекува напредок во односите со Лондон по изборот на Трас


Русија не „очекува промени“ на подобро во односите со Велика Британија по изборот на Лиз Трас за британска премиерка, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Ако судиме според изјавите на госпоѓата Трас додека таа сè уште беше министерка за надворешни работи, можеме со голема сигурност да кажеме дека не треба да очекуваме промени на подобро, рече Песков.

Лиз Трас денеска ќе го замени Борис Џонсон на функцијата премиер на Велика Британија, откако Кралицата Елизабета побара од неа да формира нова влада за да се справи со енергетската и економската криза. Таа вчера победи во трката за лидер на Конзервативната партија.

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон беше популарен во Киев поради неговата силна поддршка за земјата против Русија. Џонсон трипати беше во Украина од почетокот на руската инвазија.